Потпишаните полномошници на Народна Република Македонија ги примивме од претставникот на Илинденската организација во Бугарија, Стефан Аврамов, чуваните мошти од раководното тело на истата организација од 2 август 1923 година до денес моштите на првоапостолот на Македонското ослободително движење и наш првоучител Гоце Делчев… за да бидат чувани од поколонеијата на Слободна Македонија…“
Ова е само извадок од содржината на Протоколот за преземање на моштите на Гоце Делчев, потпишан на 7 октомври 1946 година, од страна на претставниците на новата народна власт на Народна Република Македонија и на Илинденската организација од Софија, што е повод како датум да биде заеднички чествуван од Република Македонија и Република Бугарија. Документот кај нас првпат беше објавен во јули 2017 година.
Како претставници на НРМ се потпишани: Кирил Петрушев – министер за труд; Диме Бојановски – Дизе – министер за трговија и претседателот на Народниот фронт на Скопје, Лазар Танев. Додека претставници на Акциониот комитет на Илинденската организација во Софија, за предавање на моштите на Г. Делчев биле: претседател – Стојан Аврамов, потпретседател Михаил Сматракалев, секретар: Ѓорѓи Абаџиев и членовите: Лика Чопова Јурукова, Христо Миданов, Р. Спасенов и М. Трајков.
Бугарската страна предлогот го протолкува како провокација и го одби, иако прашањето за Гоце Делчев не е затворено и тоа ќе биде разгледувано и на наредната средба на заедничката комисија закажана за септември во Софија. Но, суштината е дека тешко ќе биде пронајдено заедничко решение се додека бугарската страна не прифати дека Гоце и Организацијата, што ја претставувал, се залагале за македонска држава. Впрочем, тоа се гледа и од содржината на Протоколот.
Во низата реакции, што пристигнаа од Бугарија, индикативна беше и онаа на професорот Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од комисијата и поранешен амбасадор во Грција и Ватикан, според кого дури и Лазар Колишевски, деценискиот македонски комунистички лидер, наводно, изјавил дека „Гоце Делчев е еден Бугарин без значење за ослободителните борби“.
Настрана обидот за идеолошки приод кон разгледувањњето на ликот и делото на Делчев, во книгата на Драган Кљакиќ насловена како „Времето на Колишевски“ можат да се сретнат многу интересни детали. На пример, последната средба на Колишевски со Крсто Гермов или Шаќир Војвода, и пишувањето на „Нова Македонија“ за пренесувањето на моштите на Делчев.
Средбата меѓу Колишевски и Шаќир Војвода била одржана во македонското Собрание во 1961 година и војводата во поодминати години, меѓу другото, забележал:
Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично, е, па дојдов да ти кажам дека во Дворот (мисли на бугарскиот двор во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку Баџа! Толку да знаеш, сите влегуваа…освен еден човек…Таму не влезе само Гоце Делчев…“.
Како вовед за пренесувањето на моштите на Делчев, Колишевски кажува:
Додека бев во бугарскиот затвор во Плевен, се спријателив со бугарскиот револуционер Георги Чанков, подоцна организационен секретар на ЦК БРП(комунисти). Чанков го поканив да ми биде гостин во Македонија. Со него дојде и Георги Трајков, претседател на Партијата на земјоделците. Беа сместени во куќата на Шкаперда. Тогаш им предложив да се пренесат моштите на Гоце Делчев, односно да се префрлат во неговата татковина-Македонија. Трајков, кој по потекло е Македонец, и Чанков веднаш се согласија со мојот предлог. Исто така се договоривме да се пренесе и документацијата на Македонскиот институт „Лазар Милетиќ“ од Софија во Скопје. Веднаш се договоривме да пратам и писмено барање, бидејќи Институтот претставуваше државна установа…“.
А, еве како „Нова Македонија“ го регистрирала пренесувањето на моштите на Гоце Делчев од НР Бугарија во НР Македонија:
Вчера во Софија стана свечено предавање на моштите на Гоце Делчев од Илинденската организација на делегацијата на НРМ. Моштите на Гоце Делчев досега се чуваа во просториите на Илинденската организација во Софија, со завет да бидат предадени на првата народна влада на Македонија. Сега, кога идеалот на Гоце е остварен, кога македонскиот народ е слободен и има своја вистинска народна влада, Илинденската организација во Народна Република Бугарија реши да ги предаде моштите на големиот револуционер, син на македонскиот народ, за да се чуваат во слободната столица на Македонија-Скопје…
…Населението на Скопје достојно ги пречека земните останки на Гоце. Илјадна маса свет повеќе од еден час под постојан дожд ја очекуваше свечената поворка,а кога пристигнаа земните останки на Гоце беа испратени до местото каде што ќе бидат положени-во националниот историски паметник/црквата „Св. Спас“…“.
Во пресрет на продолжувањето на работата на Комисијата само како потсетување дека во Архивот на МАНУ има посебен фонд Лазар Колишевски со над 300.000 единици. Вреди да се проверат тие документи, зашто сигурно поранешниот комунистички лидер не говорел на памет или само идеолошки обоено. Па тука се отвора дилемата дали 7 октомври е нешто слично како со предлогот за името на државата „Република Илинденска Македонија“?!
Comments are closed for this post.