Потпишувањето на Преспанскиот договор е од историско значење за целиот регион на Балканскиот Полуостров и е еден од чекорите кои носат поголем оптимизам за развојот и напредокот на сите земји од овој дел на Европа, изјави грчкиот премиер, Алексис Ципрас, по средбата со колегите од Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Виорика Данчила и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во резиденцијата „Евксиноград“ крај Варна.

Во периодот меѓу двете претседателства, се случи историски настан – Преспанскиот договор, кој претставува решение на еден долгогодишен проблем, кој се однесува на целиот регион. Тој договор ќе има повеќе придобивки за просперитетот и економскиот заеднички развој на Југоисточна Европа. Исто така, може да помогне да се продлабочи развојот на целиот регион, особено меѓу Северна Грција и Поранешната југословенска република Македонија, и да го претвори регионот во голем транспортен центар – истакна грчкиот премиер.

Ципрас додаде дека сега постои можност да се потенцира значењето на пристапниот процес на Југоисточна Европа кон Унијата.