Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во синоќешното телевизиско интервју изјави дека ќе побара гласање за доверба на владата во парламентот, доколку партијата Независни Грци, помалиот партнер во владејачкото мнозинство, ја повлече својата поддршка на кабинетот, ссопшти агенцијата АНА-МПА.

Во интервјуто за грчката телевизија  OPEN, Ципрас наведе дека ќе побара гласање за доверба пред внесувањето на Преспанскиот договор на ратификација во грчкиот парламент. Меѓутоа, премиерот изрази увереност дека лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, нема да ја повлече поддршката на владата.

За утре се очекува средба меѓу Ципрас и Каменос, што се смета за решавачка за иднината на грчката влада. Каменос досега повеќе пати изјави дека неговата партија ќе се повлече од кабинетот во моментот кога договорот со Скопје ќе биде ставен пред парламентот, зашто е против неговите одредби, а пред се на употребата на името „Македонија“ во називот на северниот грчки сосед.