Пратениците вчера без голема дебата ги изгласаа четирите предлог-амандмани за уставни измени. За денеска остана уставниот закон за спроведување на амандманите за измени на Уставот, согласно Договорот од Преспа.

Во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ дебатираа пратениците на партиите на Албанците кои се жалеа на делот за држјанствата каде е предвидено да стои „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“.

Забелешките доаѓаа од пратениците од Алијансата на Албанците и од Беса кои бараа во делот за државјанството каде е наведено „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, да биде избришан терминот „македонско“ и да пишува само „државјани на Република Македонија“.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи реплицирајќи им на пратениците Албанци рече дека интервенциите се направени во согласност со Договорот од Преспа, што беше и причина за уставни измени, додека етничките прашања се опфатени со Охридскиот рамковен договор, кој ќе стане составен дел на Уставот.

Тој беше јасен дека сето ова ќе биде залудно доколку нема поддршка од 80 гласови во Парламентот.

Како што и се очекуваше нема поголеми измени на  четирите амандмани. Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија” да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект.

Со вториот во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ“ и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третиот се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, а оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Откако ќе се исцрпи дебата во комисијата за уставни прашања, промената на Уставор се сели на пленарна седница и за конечно усвојување ќе бидат потребни 80 гласови.