11 Октомври е еден од најсветлите државни празници на Македонците, неговото чествување не е прослава на национализмот и шовинизмот, всушност тоа прослава на чинот кога македонскиот народ покажа и докажа дека е достоен за своја сопствена држава. Првата пушка која пукна во Прилеп – градот херој беше насочена против окупацијата, фашизмот и асимилацијата која беше олицетворена во Царска Бугарија, која беше сојузнички лакеј на Адолф Хитлер и неговите соништа за „чиста“ Европа и ревносно ги спроведуваше неговите наредби-смета Александар Ѓорѓиовски, познавач на историските прилики на Балкан.

Следствено, македонското востание кое симболично се прославува на 11 Октомври не беше насочено против бугарскиот народ, туку против големобугарските националистички соништа за Санстефанска Бугарија, од Охрид до Црното Море. Политиката на бугарската држава го негираше и се обидуваше да го асимилира македонскиот народ, всушност Бугарија во Втората светска војна го прифати полтронскиот однос кон Нацистичка Германија затоа што ја побара и доби Македонија на тацна.

Затоа не може да се говори дека прославата на 11 Октомври е говор или ширење на омраза кон Бугарија и бугарскиот народ. Идеолошката суштината од која произлезе македонската борба во текот на Втората светска војна многу јасно ја образложува Панделис Пулиопулос, генерален секретар на Комунистичката партија на Грција, уште во мај 1940 година-објаснува Ѓорѓиовски.

Според Пулиопулос: „Самоопределување на македонската нација со отцепување… Ова требаше да бидат нашите општи пароли, не е точно дека ставовите на Архиомарксистите и ККЕ се будистички или австромарксиситички. Овие две партии никогаш не се бореа ниту за едно непосредно барање на Македонците. Тие го игнорираа нивното постоење јасно и гласно и велат дека грчката буржоазија ги расчистува прашања со двојно подјармувачко етничко чистење во Македонија, т.е. грчко-бугарска „доброволна“ размена и грчко-турската размена на население… А помеѓу останатите трагедии на таканаречената Тврдина Акронафплија, најтрагична е таа на Македонците кои се затворени… Koj го побива постоењето на до ден денес нерешеното, национално македонско прашање во грчка, бугарска и српска Македонија, е без сомнеж лакеј на буржоазијата… Кој го побива историското ослободително движење на Македонците, е или неук и мора да ја научи историјата на тоа движење и нејзините национални херои, или е повторно лакеј на една од трите угнетувачки буржоазии… Ова движење до сега е задушувано во крв и предавство, или претрпе штетна, со оглед на интересите на македонските работници и селани, експлоатација од страна на балканската буржоазија (посебно бугарската)… Кој ја побива оваа можност е слеп или се прави слеп, ако не е лакеј на националистичките подјармувачи на многу-страдалниот македонски народ.“

Доколку внимателно се анализира, Панделис Пулиопулос многу јасно вели дека македонската национално-политичка платформа пред новата окупација на Македонија се стремела кон решавање на националното македонско прашање преку создавање на сопствена држава. Со друго зборови, кога се чествува 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, всушност се чествува борбата на Македонците за слобода и човекови правдини кои денес се наоѓаат во темелите на Европската Унија.

Затоа останува прашањето зошто некои македонски медиуми потајно го цензурираат овој велик македонски празник, како што направи весникот „Слободен печат“, кој „заборави“ да напише неколку збора за 11 Октомври во својот празничен број. Имено, во споменатиот весник нема ниту еден текст за државниот празник на Македонија и македонскиот народ, со исклучок на колумната со наслов „Честитки за 11 Октомври, стоп на неофашизмот“ од која самиот весник се оградува од ставовите на авторот. Недозволиво е ваквото однесување, особено ако станува збор за сериозен медиум како што е „Слободен печат“.

Но, можеби одговорот на прашањето лежи во искажувањето на Гунтер Фелингер, австриски експерт и советник од невладиниот сектор, кој вели: „Вие можете да направите неколку работи. Дозволете ми да сугерирам. Можете да ги промените вашите државни празници што се многу провокативни за Бугарија. Особено 23 Октомври, денот на ВМРО. Тоа е многу проблематичен празник, кој неодамна почна да се празнува. Другиот проблематичен празник е 11 Октомври, кој го славите како ден кога сте ги поразиле Бугарите. Тоа не е многу мудар наратив за една потенцијална современа членка на ЕУ. Би ви предложил тоа да не бидат државни празници, туку да бидат празници на вашите партии, на СДСМ и ВМРО. “

Какви глупости! 23 Октомври, денот на основањето на ВМРО и 11 Октомври не се партиски празници и не можат да бидат. Основањето на Македонската револуционерна организација и народното востание на македонскиот народ од 11 Октомври се симболи и го олицетворуваат континуитетот на Македонците за извојување на политичка и национална слобода. Затоа како држава и како нација, не смееме да ги заборавиме ниту пак потајно да ги цензурираме како што прават некои медиуми.

Александар Ѓорѓиовски