Претседателот Стево Пендаровски по повод празникот свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница, посакувајќи им празникот да го поминат во добро здравје, исполнет со радост и со среќа.

-Духовната и просветителско-образовна дејност на свети Сава е еден од најзначајните темели на српската национална и културна самобитност. Неговото дело е неизоставен дел од традициите, обичаите и културно наследство на припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија која активно придонесува за политичкиот, општествениот и културниот живот. Се радувам и на придонесот што нашите граѓани од српска националност го имаат во продлабочувањето на односите со соседна и пријателска Република Србија, пишува во честитката претседателот Пендаровски.

Скоро цела година, како што вели Пендаровски, живееме борејќи се со пандемијата со Ковид-19, која ги загрозува нашето здравје и благосостојба, но и го менува нашето секојдневие.

-За жал, како и за останатите празници и светосавското празнување ќе биде во изменети околности. Да продолжиме со почитување на мерките и со дисциплинираното однесување за да го заштитиме своето, здравјето на најблиските, како и здравјето на целата заедница. Празникот на свети Сава нека биде поттик да истраеме и да останеме солидарни и одговорни, сложно и сплотено работејќи за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина, пишува Пендаровски во честитката по повод Денот на Свети Сава.