Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го посети Дневниот центар за лица со попреченост во Виница каде се сретна со корисниците и вработените во центарот.

Како што соопшти ресорното Министерство, Царовска истакнала дека дневните центри кои функционираат во повеќе градови низ државата се многу важни за вклучување на лицата со попреченост во општеството.

Во Дневниот центар во Виница, корисниците секојдневно ја добиваат потребната нега, едукација и социјализација со кои се збогатува квалитетот на животот. Врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика останува инклузијата на лицата со попреченост и унапредување на нивните права преку развој на социјални услуги достапни на локални ниво – изјавила Царовска.

Центарот во Виница го посетуваат 10 лица, за кои се грижат психолог, дефектолог, логопед и медицинска сестра.

Освен редовни културно-хигиенски и воспитно-рехабилитативни активности, во Дневниот центар во Виница се реализираат и спортско-рекреативни активности, преку вежби за правилно држење на телото, брзо одење по лента за трчење, возење на статичен велосипед, скокање, вежби за зајакнување на мускулатурата на телото, корективна гимнастика, игра со топка, игра со пилатес топка и прошетка во природа. Исто така, се работи на развој на психомоторните способности кај корисниците.