Јавноста конечно дочека дебата за концептот за основно образование на МОН кој предизвика големи негодувања како кај граѓаните така и кај научните институции во државава.
За утре во собранието е закажана расправа за оваа т.н. реформа која ќе се одржи во рамки на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, каде што се очекува да се сублимираат сите ставови, но и забелешките и сугестиите кои стигнале до МОН.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска вели дека на дебатата ќе се искажат можеби спротивставени ставови и па ќе излезат во јавност што конечно е прифатливо, што не е од забелешките.
Мислам дека заеднички ќе донесеме став по ова прашање. Понатаму веќе влегуваме во фаза на усвојување и подготовка на наставните програми коишто се најзначајни, затоа што концепцијата е само прв чекор, рече Царовска.
Не е познато кој се е поканет и ќе учествува на оваа јавна расправа, но познати се ставовите на јавноста, научните институции но и меѓународните релевантни институции.
Бидејќи Царовска постојано споменува дека и меѓународните институции барале реформи, важно е да се каже дека Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) која го организира меѓународното ПИСА тестирање и кои заедно со УНИЦЕФ ги работат извештаите за квалитетот на образованието не препорачува вакво спојување на предмети, што може да се потврди и изјавата на поранешниот министер за образование и наука, Арбр Адеми. Тој за ТВ 24 изјави дека на конференција на ОЕЦД му било укажано дека спојување на ликовно со музичко, како и спојување на природни науки со општествени науки.
Најстариот факултет во Македонија, Филозофскиот факултет беше еден од првите кои реагираа. Според факултетот најавениот концепт на МОН ќе предизвика сериозни проблеми во образованието и не соодејствува со воспитната и општествената реалност во Македонија и потенцираа дека неприфатливо е спојување на историја затоа што предметот е од незаменливо и витално образовно значење.
Потребно е да се предвиди и овозможи подолга разумна временска рамка за создавање на квалитетна реформа во основното образование во која ќе биде земена предвид комплексноста на сите процеси за натамошна имплементација како и критичкото мислење на сите релевантни фактори, а со оглед на комплексноста на предложените решенија и далекусежните последици што усвојувањето на оваа Концепција ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а потем, следствено и на средното и на високото образование), порачаа од Филозофски факултет.
Потоа следеше реакција од УКИМ. Сенатот на УКИМ како едно од трите највисоки органи на универзитетот после деталната анализа дојде до заклучок дека во МОН го направиле Концептот без анализа, без мислење на образовните институции, и истиот е без план и претходна подготовка.
Но, интересното беше што Сенатот на УКИМ потенцираше дека концептот е невешто преведен со бројни лошо преведени делови.
Според Сенатот на УКИМ секоја реформа во образованието мора да ги има предвид општествено-културниот, економскиот и образовниот контекст на нашата држава и истите мора да бидат согласни на нашите потреби и можности, а овој Концепт нема финансиска конструкција, нема истражувања кои го оправдуваат во овој модел, а не е ни тестиран и усогласен на нашето образование.
Во меѓувреме реагираа од Институт за историја, Институт за македонски јазик, Педагошкиот факултет, Асоцијација на наставници по историја, студентите, но можеби најважна е реакцијата на највисоката научна институција во Македонија, односно Македонската Академија на Науките и Уметностите кои побараа транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи.
Според МАНУ, доколку има реформи во образованието тие треба да овозможат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа.
МАНУ бараат динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна.
Иако министерката упорно, бара поддршка од тројца или четворица членови на овие институции за да прикаже дека ја поддржуваат професорите или академиците, реалноста е дека постојат спротивни официјални ставови на факултети, институти, МАНУ и УКИМ. Официјалните ставови на научните институции се дека реформи се потребни, но овој Концепт за основно образование кој го турка Царовска во ваков модел е погрешен и треба веднаш да се повлече. Сите укажуваат на тоа дека истиот не е соодејствува со нашиот систем и во ваква форма единствено ќе донесе непоправлива штета кај учениците која после ќе се одрази на државата и нејзината иднина.
Comments are closed for this post.