Бугарските и барањата на бугарскиот премиер Кирил Петков во никој случај не смее да влезат во преговарачката рамка за членство во Европската Унија, бидејќи во спротивно тоа ќе значи капитулација на Македонија и бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека партијата ќе гласа против и нема да прифати асимилација и бугаризација на Македонија и македонскиот народ преку хегемонистичките и радикални барања кои доаѓаат од бугарска страна.
Тоа што Петков го поставува како услов за да се тргне ветото со прифаќање на бугарската резолуција од 2019 година, значи комплетно бришење на се македонско пред 1944 година, односно прифаќање дека македонскиот народ, историја и јазик се дотогаш биле бугарски. Тоа е неприфатливо и недозволиво.
Власта да не се дрзне и самоволно да прифати таква капитулација, да ги понижи националните интереси и македонското достоинство во обид да опстанат на власт, удоволувајќи и спасувајќи политичката кариера на Петков.
Тоа што е единствено прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ, но и за Македонија и македонскиот народ се бришење на таа срамна резолуција која ја гласаше бугарскиот парламент, како и гаранции дека нема повеќе да не блокираат.
Бугарија мора да ни гарантира дека нема да има повеќе нови барања и дека повеќе нема да го кочи македонскиот пат кон Европската Унија, односно дека нема повеќе отворени прашања со Македонија исто како што ние во 2008 година им гарантиравме дека немаме отворени прашања.
Без таква гаранција Бугарија ќе има само нови и нови барања, а преговорите немаат поента. Хегемонистичките и ултра националистичките барања на Бугарија не се воопшто европски вредности за кои се залага Европската Унија.
Власта на СДСМ не смее да продолжи да им удоволува на бугарските барања и да го продлабочи проблемот кој самата го создаде, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.