Поетот, писател и поранешен советник во Министерството за надворешни работи, Стево Симски, на својот фејсбук профил потсети на еден, можеби заборавен, но мошне значаен податок. А, тоа е дека во 1947 година, исто како и денес, постоела и работела македонско-бугарска историска комисија.
И во тој контекст, Симски потсетува дека на 22 ноември 1947 година македонско-бугарската историска комисија постигнала договор за бугарските погледи на историјата на Македонија и оти за тоа потпишала договор. Со Договорот се направени исправки во историските учебници во Бугарија. Договорот потврдува дека исправките се со цел да се спречи големо-бугарскиот шовинизам, а се однесуваат на различни историски периоди.
Во документите на историската комисија е запишано: – Самоиловата држава не е западно бугарска држава, туку феудална држава во која доминантно население се македонските Словени.
Истакнато е дека бугарската историја треба да ја пишува вистината: – Климент Охридски и Наум Охридски се сесловенски просветители: – Кнежеството на Пребонд е првиот обид на македонските Словени да создадат независна држава, а браќата Миладиновци дека се македонски просветители. (с.с Историска белешка).
Пишувањето на Симски може да му послужи на новоформираниот секретаријат, што ќе им помага на членовите на македонскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, особено и во подготовката на преземената обврска од наша страна, во период од една година да подготвиме лекција за Цар Самоил, која натаму ќе треба да ја учат нашите деца.
Но, тоа што паѓа в очи е формулацијата, што се користи за целта на промените во бугарските учебници по историја-да се спречи големо-бугарскиот шовинизам. Значи, бугарската власт и држава отворено го признале постоењето на бугарскиот шовинизам во односот кон Македонија и Македонците и тоа во различни историски периоди.
И сега што прави Република Македонија преку прифаќање на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка и двата усвоени меѓувладини протоколи, кои се веќе составен дел од преговарачкиот процес за членство во ЕУ? Прифаќа одново формирање на македонско-бугарска историска комисија која овојпат ќе треба целосно rевизионистички да го прифати бугарскиот, односно европскиот предлог за враќање на бугарскиот шовинизам во македонските учебници!?
Бугарската страна времето на Георги Димитров не го прифаќа, зашто му припаѓа на комунизмот, и го оценува како најголемо предавство на националните интереси. Но, за неа не претставува предавство времето на вечниот комунистички вожд Тодор Живков, кој беше согласен и бараше Република Бугарија и официјално да стане 16-та република на некогаш моќниот СССР!? Двојниот аршин на официјалната бугарска политика во поглед на Република Македонија лежи во фактот дека Живков само го обнови и рециклира бугарскиот шовинизам и хегемонизам, што сега толку здушно успеа да им ги продаде на земјите членки на ЕУ, а на нас да ни стави јамка околу вратот на патот кон членството.
Истата формулација, пак, дека Самоиловата држава не е западно бугарска држава, туку феудална држава во која доминантно население се македонските Словени е содржана и во неодамна објавената карта од Историскиот атлас на германскиот историчар Јохан Густав Дројзен. Во атласот објавен во 1886 година, во легендата на картата на Самоиловото царство од 993 до 1018 година јасно стои и се гледа дека Самоиловото царство на територијата на денешна Република Македонија е именувано како Македонско царство на Словените.
Нашите членови на историската комисија со своите бугарски колеги постигнаа согласност за заедничко чествување на Цар Самоил со следната содржина:
Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од
современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република С.Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и
населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави
Република С.Македонија и Република Бугарија.
Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран
Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и
вистинско добрососедство и пријателство.
Comments are closed for this post.