Бојан 13: Во понеделник ќе ве ослободат
Орце: Добро
Бојан 13: Вторник најкасно веројатно.Врховен ќе ве ослободи.
Орце: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник
Боки 13: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби
Орце: А Апелација?!
Боки 13: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, како втор спремен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го прoдужува, да го удолговлекува, понеделник вторник вие сте на слобода.

Само 13 објавени прости, простопроширени или сложени реченици од дијалогот меѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски алијас Боки 13 се доволни да отворат неброени прашања на кои треба одговор да даде истрагата на Одделението за борба против организираниот криминал и корупција на Основното јавното обвинителство поврзана со случајот „Рекет“.

Постоењето на снимката беше јавна тајна, но нејзиното само делумно објавување ја отсликува  слаткоречивоста, сигурноста, бескрупулозноста и моќта со која настапувал пред Камчев несудениот „македонски губернатор“ Боки 13.

И навистина што бил Боки 13? Обвинител, судија, премиер?! Кој бил!? Како можел да знае дека СЈО нема да поднесе жалба за ослободувањето од куќен притвор на Камчев и дали со ова се покажува дека обвинителството и судството се контролирани и корумпирани? Како знаел и можел точно да го предвиди понеделник како ден кога ќе биде ослободен од куќен притвор Камчев?

Снимката е од петок 20 февруари 2019 година. Ветеното ослободување е во понеделник. И навистина е во понеделник, само не на 23 февруари, туку на 4 март. Значи, само една недела задоцнување од тоа што го вели Боки 13! Знаел дека се ќе тече како подмачкано, па со сигурност прогнозира како ќе одлучи Апелациониот суд!? И како ќе одлучи Врховниот суд?!

Боки 13 влегол во куќата на Орце Камчев без да се посомнева дека во неа или околу неа има поставено безбедносни камери?! Не стравувал дека ќе биде снимен?! Бил сигурен дека таа снимка ќе нема никаква тежина и дека нема да види бел ден?! Или, едноставно, се чувствувал како чист политички сигурен рекетарски булдожер, кој е оставен да прави што сака, кога сака и кому сака?!

Ако се ова го правел во куќата на Орце Камчев, како ли се однесувал со останатата бизнисменска „поситна“ и обична „боранија“ и што ли таа се доживувала и преживувала? Ќе стигне ли воопшто Обвинителството да даде одговори барем на дел од дилемите?!