Владата не се меша во судството, туку поддржува акти со кои ќе се дефинира помирувањето. Нема да има амнестија за организаторите и за сите кои учествувале или извршиле насилство на 27 април, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата.

Во Република Македонија се случуваат историски процеси кои имаат една и единствена цел – интеграција на земјата во НАТО и ЕУ. Ова се процеси што ја движат Македонија напред. Пратениците од власта и дел од опозицијата ја прифатија иницијативата дадена од претседателот на владата, Зоран Заев, и во Собранието се формираше Интерпарламентарно тело за интеграција, реформи и помирување. Како што кажавме и повеќе пати, Владата поддржува акти со кои ќе се дефинираат помирувањата. Акти со кои јасно ќе се разграничи насилството, физичкото насилство и осмислувањето на насилството за 27 април наспроти присуството во Собранието како дел од толпа, односно тие што го осмислиле црното сценарио, тие што извршиле насилства и тие што треба да се исправат допрва пред лицето на правдата. Овие политички одлуки носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој Закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата, односно во Собранието на РМ, рече портпаролот Бошњаковски на новинарско прашање во врска со коментарите за мешање на Владата во правосудството.