Блокадата на Бугарија на евроинтеграцијата на Македонија го киднапира процесот на проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на Унијата и ги обесхрабрува другите земји кандидати. Потпишувањето декларации со кои аспирантите и земјите членки ќе се обврзат да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања треба да биде стандард, оценува во коментар за МИА политичкиот аналитичар и експерт за Балканот, професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер. Сепак, додава, проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји во ЕУ кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади.
Запрашан за позицијата на Софија која ја условува европската интеграција на нашата земја со прифаќање на бугарските корени на идентитетот и јазикот – непринципиелни барања што го нарушуваат правото на земјата за самоопределување, Бибер оценува дека таа е проблематична од три аспекти.
Бугарската позиција е проблематична од три аспекти. Прво, таа поставува барања од Македонија, кои не треба да бидат предмет на политички одлуки и притисок меѓу земјите. Без оглед како да се толкува историјата, ова треба да биде работа на историчарите, инаку за историјата дискутираат аматери. Исто така, ја става историјата во служба на одредена нација. Второ, наметнување на национална историја на друг е малтретирање и исто така не е во согласност со добрососедските односи. Трето, ваквите прашања не треба да застанат на патот на пристапувањето во ЕУ бидејќи не се однесуваат на подготвеноста на Унијата за Македонија. Со тоа се киднапира пристапот кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан потпишаа двапати декларации со кои се обврзаа да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања. Додека Бугарија нема потпишано, ова треба да биде стандард, вели Бибер.
Comments are closed for this post.