Претседателот на Демократскиот сојуз пратеникот Павле Трајанов е незадоволен од односот  кон пратениците, зашто, како што вели градел фејсбук стратегија за вакцинирање на пратениците. Според Трајанов пратениците се целосно дискриминирани бидејќи министерот за здравство Венко Филипче не им оставил право на избор, што важи за останатите граѓани и остро негодуваше што тој и неговите колеги морале да се вакцинираат само со руската „Спутник В“.

Пратениците се насочени да се вакцинираат со ‘Спутник’. Можеме да почекаме и да одложиме, но за да профункционира парламентот мора да бидеме вакцинирани, еве сите се наредивме во редот и се вакциниравме. Не може од Фејсбук да се гради политика. Некој ќе напише дека пратениците се привилегирани и ќе се вакцинираат со ‘Фајзер’, и министерот ја менува со ‘Спутник’. Тоа е крајно катастрофална и неодговорна ситуација. Едно беше најавата, сосема друго излезе во пракса, реагираше Трајанов откако ја прими вакцината.

Трајанов рече дека тоа е став и на другите пратеници, но не смеат да го искажат откако ја примија.

Сите се практично вознемирени бидејќи испадна класична замена, да не кажам измама, нагласува Трајанов кој е скептичен дека со доцнењето и со ваквото темпо на вакцинација ефектите ќе бидат минимални за стекнување на колективен имунитет.