Компанијата „Беса Транс“ чиј автобус се запали на патот Струма во Бугарија и при тоа живи изгореа 45 патници од Македонија има четири кривични пријави за непочитување на ковид-протоколите во 2021.
Ова за „Фактор“ го потврдија од Државниот инспекторат за транспорт. Од таму велат дека годинава на граничните премини биле извршени четири инспекциски надзори по основ на почитување на мерките над автобусите на оваа компанија и сите случаи резултирале со кривични пријави.
Законски, делата се третирале за кривични затоа што во екот на пандемијата се барало строго почитување на протоколите против Ковид-19, но во автобусите секогаш била затекнувана прекубројност на патници над она што било дозволено, односно пропишано во моментот.
Од ДИТ велат дека „Беса Транс“ ги имала сите потребни лиценци и дозволи за слободен меѓународен превоз, а транзитно најмногу го користел граничниот премин Деве Баир.
Министерството за транспорт и врски, пак, вели дека Беса транс има лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници од 2018 година со важност до 2022 година, но за возниот парк со кој располагал тогаш.
До Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, поднесено е барање од страна на превозникот Беса Транс БТБ од Скопје, ул. 1 бр. 1, Рашче, Скопје, евидентирано под број 08-4127/1 од 18.07.2018 година, за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.
Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.
Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година.
Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање на извод од лиценца за ново набавено возило, велат од Транспорт.
Comments are closed for this post.