Ќе платам сѐ што треба, станува збор за технички пропуст, но за мене е најважно дека Антикорупциската комисија ја потврди мојата изјава дека не сум влијаел при вработувањето на сестра ми“, изјави за Плусинфо министерот за економија Крешник Бектеши.
Антикорупциската комисија вчера одлучи да поднесе прекршочна пријава до министерот, бидејќи во моментот кога неговата сестра Влора Бектеши ја поднесувала апликацијата за вработувањето во МЕПСО стоела истата адреса на која живееле заедно министерот. Функционерите по службена должност треба да ја известат Антикорупциска за вработување на член од семејството во јавниот сектор.
Бектеши додаде дека денеска ќе провери дали до Министерството за економија е доставена прекршочната пријава за него. Тој не можеше да ни одговори дали ќе оди во Антикорупциска за да ја искористи можноста за порамнување, која му ја дава Законот за судир на интереси. Тој вели дека допрва ќе се информира, но оти не му е важно дали ќе ја плати целата сума.
Според Законот за судир на интереси, Бектеши треба да плати глоба од 300 до 500 евра. Од Антикорупциска велат дека министерот ќе биде повикан кај нив за ако сака да ја искористи законската можност за порамнување, односно доколку Бектеши појде во Комисијата ќе плати половина од глобата или 150 до 200 евра.
Во спротивно, Антикорупциска ќе поднесе прекршочна пријава за Бектеши и министерот глобата ќе треба да ја плати по судска одлука.
Бектеши ни изјави дека не знаел оти сестра му не ја сменила адресата на живеење. Тој објаснува дека сестра му се омажила во село каде улиците немаат име и број, а бидејќи работела на докторатот во странство ја задржала адресата од семејната куќа заради комуникација со универзитетот.
Сепак, Антикорупциска останува на ставот дека има сомнеж за влијание на министерот при вработувањето на сестра му, бидејќи директорот на МЕПСО имал дискрециско право да избира кого ќе вработи од петте кандидати кои влегле во најтесниот избор, при што за 23 работни места се пријавиле 896 лица, а за местото за кое конкурирала Влора имало 73 кандидати. Според Комисијата, не се знае точно како токму сестрата на министерот била избрана меѓу петте селектирани кандидати, бидејќи не постои записник од бодирањето и дека Владата треба да се извести за овој случај, а надзорниот одбор на МЕПСО треба да изврши увид во работата.
Бектеши останува на ставот дека не влијаел при вработувањето на сестра му.
Comments are closed for this post.