Министерката за правда Рената Дескоска информира дека членовите на работната група меѓу власта и опозицијата денеска ќе имаат средба за усогласување на измените на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Минатата година пред да дојдам во Министерството за правда постоела работна група во која се разговарало за измени на Изборниот законик. Биле направени одредени измени, кои не го видоа светлото на денот, односно не беа процесирани. По тоа имаше претседателски избори кои беа оценети како фер и демократски, но во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР имаме ситни препораки за измени во Изборниот законик, рече Дескоска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод стапување во сила на Законот за бесплатна правна помош.
Министерката за правда посочи дека почнуваат со дебата првенствено за имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Јас се залагам за целосно имплементирање на тие препораки. Ќе разговараме не само меѓу политички партии, туку и со претставници на граѓански здруженија и НВО организации кои работат во областа, а ќе има претставници од државни институции кои ќе треба да помогнат, речќе Дескоска.
Фокусот главно, како што рече, ќе биде ставен на ажурирањето на избирачкиот список, за изборната кампања и нејзиното финансирање, медиумското претставување на кампањите, составот на Државната изборна комисија и начинот на функционирање и за изборните модели, односно барањето за една изборна единица.
Одговарајќи на новинарско прашање Дескоска рече дека во изборната програма имаат ставено една изборна единица и отворени листи и оти тоа ќе биде нивниот предлог на маса.
Но како министерка за правда најавувам дека ниту една измена во делот на Изборниот законик нема да оди без согласност на релевантните политички партии, истакна Дескоска и додаде дека тоа е стандард што го воспоставува Венецијанската комисија.
Во тој контекст таа посочи дека Деловник на Собрание и Изборен законик не смее да се менуваат без согласност.
Тоа се клучните правила на игра. Едните се за избори, другите се за работа на претставничкото тело. Така што тука ниедна демократска земја не смее да си дозволи надгласување за клучни прашања. Има аргументи кои се во прилог на една изборна единица. Јас мислам дека тие аргументи треба да бидат прифатени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи ја предвид нивната сегашна позиција според рејтинг и според тоа како се поставени мислам дека им одговара една изборна единица, рече Дескоска.
Comments are closed for this post.