Сопствениците на домашни миленици имаат обврска да го вакцинираат својот домашен миленик против беснило, болест опасна по здравјето и животот на милениците и луѓето, што во државава е ставена под контрола и од 2012 година, досега, не се појавила.

Ова денеска го изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов кој присуствуваше на одбележувањето на глобалниот ден за борба против беснилото, 28 септември, што се одржа во Градскиот парк под мотото „Беснилото завршува овде“.

АХВ спроведува секоја година есенска и пролетна орална вакцинација со расфрлање авионски мамки кај лисиците над шумските простори, а обврска на сопствениците на домашни миленици е да ги вакцинираат, вели Атанасов.

Минатата година во системот биле внесени над 3.045 домашни миленици вакцинирани против беснило, за разлика од оваа година, до 24 септември, кога во системот се внесени повеќе од 60.000 вакцинирани домашни миленици против беснило.

Иако во системот кај нас има преку 67.000 идентификувни домашни миленици, дел од нив се уште ги немаат вакцинирано и сакам да ги повикам оваа законска обврска да ја реализираат. Со вакцинација или заштитата на домашниот миленик против беснило сопствениците се штитат себе си и најмилите околу себе. Со здравствна заштита на домашниот миленик ја подобруваат и здравствената заштита и на околината и со тоа покажуваат дека се одговорни кон себе, најмилите и општеството, порача Атанасов.

Прашан дали уличните кучиња се вакцинирани против беснило тој одговори дека законска обврска е на сите прифатилишта кога ќе бидат заловени кучињата бездомници да бидат пред се прегледани, излечени, кастрирани и вакцинирани против беснило и потоа да ги вратат на местото од каде биле заловени.

Атанасов информира дека во 2017 година ниту една општина немала донесено програма за справување со проблемот со улични кучиња, а сега се поднесени околу 60 програми од кои над 40 се одобрени.

Имавме шест прифатилишта во 2017-та, денес имаме 14 и три во најава, односно во изградба. Со тој проблем полека почнуваме да се справуваме и верувам дека во блиска иднина ќе се формира целосната структура со регионалните прифатилишта. Со активностите што ги презема АХВ и локалната самоуправа полека ќе се реши и тој проблем со уличните кучуња, рече Атанасов.

На настанот стручни лица од Агенцијата, од Факултетот за ветеринарна медицина и претставници од ветеринарните друштва и веледрогериите даваа совети за здравствена заштита и исхрана на домашните миленици