ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО за Република Македонија.
Ова е важен ден за Република Македонија и денес се завршува една неправда нанесена на државата од пред повеќе од 10 години. Влезот на Република Македонија во НАТО е долго очекуван и заслужен уште од 2008-тата година. Република Македонија уште на самитот во Букурешт ги имаше исполнето сите реформи и услови за полноправно членство, но за жал тогаш беше спречена да стане членка само поради противењето на Република Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име и идентитет, кои сега на штета на граѓаните и државата на непринципиелен начин беа сменети по нивна мера“, рече портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски.
Според Арсовски секој успех за Република Македонија и секој чекор напред за државата и граѓаните е причина за поздравување на истиот.
НАТО е наша стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на Владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години која континуирано инвестираше во армијата и нејзините капацитети, преку многубројните учества во мисии и тоа не може да го негира никој. На штета на граѓаните, останува чувство на горчина и понижување длабоко кај сите нас, од една болна причина што власта не се ни обиде да најде подобро решение на проблемот со името кое ќе биде балансирано и кое нема да ги погази сите македонски црвени линии, како што е случајот сега, односно решение кое нема да биде безусловно прифаќање на сите грчки уцени на недостоинствен и понижувачки начин за Република Македонија и граѓаните“, вели Арсовски.
Тој повторно ја повика СДСМ и Владата да се охрабрат и да излезат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.
Comments are closed for this post.