Катица Јанева ја завршува кариерата онака како и што ја почна. Политички и по нарачка се обидува да го минимизира рекетарскиот скандал што ја разголи целата власт на Зоран Заев и начинот на владеење изминатите години, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија Јанева е еден од пипците на октоподот.

„Без нејзина поддршка и поддршката на Зоран Заев и други функционери од власта Боки 13 не можел да рекетира милиони евра од бизнисмени“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој потенцираше дека Јанева само за плата во овие четири години од граѓаните има земено преку 150.000 евра, и дека не почувствувала потреба да одговори на прашањата што ја интересираат јавноста.

„Јанева практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека она е соучесник и она им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал. И практично е виновна за тоа“, рече Арсовски.

Според Арсовски има низа нелогичности во постапката која ја води обвинителството во врска со аферата со рекет и тој истакна дека тоа покажува тенденција истиот да биде забошотен и практично да се заврши со минимална штета

„Истрагата е се освен непристрасна и професионална. Начинот на кој што Вилма Русковска ја води оваа истрага укажува дека таа има намера да ја заштити главата на политичко-медиумскиот-рекетарски октопод. Дали лажниот исказ на Катица Јанева даден во истрагата во врска со телефонот не е индиција дека и таа е инволвирана, односно и против неа треба да бидат преземени посебни истражни мерки односно ПИ мерки? Дали Русковска со непокренувањето постапка против Катица Јанева свесно и остави време на Катица Јанева да ги уништи доказите и пораките што ги разменувала со оштетените, рекетарите или пак функционерите на СДСМ од кои ја добива поддршката?“, прашува Арсовски.