Театарот кој го прават СДСМ, Лидија Димова, Љупчо Николовски и Зоран Заев е само со една и единствена цел, а тоа е да се дефокусира јавноста од криминалот кој е сторен во Националната агенција. Оваа смешна препирка низ медиумите дали Лидија Димова ќе си даде оставка или не, дали Владата ќе ја разреши или не, е само театар за граѓаните, да мислат дека оваа Влада е одговорна и чесна, изјави на денешната прес конференција, Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Не! Ниту е одговорна, ниту пак е чесна. Оваа Влада е се, само не е одговорна и чесна. Лидија Димова влезе во низа од скандали кои достигнуваат огромни суми на пари, а сепак нема ниту еден отворен случај, ниту од Јавното обвинителство, ниту е повикана да биде сослушана. Сведоштво од вработени во Националната агенција, дека над 20.000 евра пари се извадени од благајна со факсимил на Лидија Димова без покритие. Овде има сериозен сомнеж за кривично дело, вклучително што ова сведоштво е доволен показател за јавното обвинителство и другите институции да влезат во Националната агенција и тој што сторил одреден криминал, ако го сторил да одговара, дециден е Арсовски.

Потоа, набавка на 2 луксузни возила во вредност од 100.000 евра. Доделување проекти за медиумска писменост и други на фризерница во вредност од 270.000 евра. Доделување проект на брат на пратеник на СДСМ за дресура на магариња во вредност од над 83.000 евра. Доделување проект на истиот брат на пратеникот од СДСМ за едукација за избор на сирење во вредност од над 125.000 евра. Ова се неколку скандали во вредност од неколку стотици илјади евра. Кој ли знае уште колку вакви скандали ќе излегуваат на површина. Дополнително, сеуште сметаме дека Лидија Димова треба да си даде оставка веднаш, а пред тоа да ги објави транспарентно сите документи за спорните проекти за кои што има сомнеж во јавноста. Ова е најкриминалната Влада што може да постои. Ова е се, само не е Влада која работи по европски вредности,заклучи тој.