Скопје не е чист еколошки град и загадувањето во Скопје сè уште е тема меѓу скопјани. Година кога времето е ветровито може да ги намали параметрите кои укажуваат на загадувањето, но тоа во ниту еден случај не е трајно решение. Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција од Градскиот парк во Скопје.
Арсовска во своето излагање вели дека во изминатите денови започна зголемување на загадувањето и само за четири дена бројките кои го покажуваат степенот на загадување се зголемуваат и тоа е достапна информација во јавноста од официјалната страна и на Министерство за животна средина и просторно планирање. Токму затоа таа најавува сериозен пристап и почеток на системско решавање на проблемите веднаш, без одложување.
Уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме дивите депонии каде се согорува опасен отпад. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз, а со бесплатниот и квалитетен јавен превоз се очекува намалување на користењето автомобили и сообраќајниот метеж. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја за да го зголемиме зеленилото во градот, нема повеќе да се сечат дрвја ниту во центарот ниту на кое било друго место во градот. Ќе иницираме закон за заштита на Водно и ќе се отпочне со продолжување на жичницата, додава таа.
Како едно од решенијата во програмата на Арсовска е и гасификација на Скопје со што ќе се овозможи еколошко решение за скопјани, како и креирање на повеќе зелени површини во градот, што дополнително ќе придонесе до намалување на загадувањето и овозможување на чиста и здрава животна средина за сите скопјани.
Со работа за конечна реализација на гасификацијата и ќе се овозможи еколошко решение за скопјани. Ова е едно од барањата на коишто посочуваат скопјани. Дополнително, ќе се реализираат 5 нови мега парка. Мора да има системски решенија за загадувањето. На скопјани им е доста од оправдувања дека нема време нешто да се среди. Знаеме сите дека треба волја и план. Потребни ни се ефикасни и целосни, а не половични решенија. Да почнеме да ги менуваме работите, за наше Скопје, за модерно Скопје, заклучува Арсовска.
Comments are closed for this post.