Лидерот на Левица, Димитар Апасиев го одби повикот за големо обединување на опозицијата против СДСМ и ДУИ. Во синоќешното интервју претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека обединет опозициски блок ќе го растури ова тенко владино мнозинство, а тоа го покажуваат и истражувањата на јавното мислење.

Мицкоски посочи дека во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии за заедно настапување на престојните локални избори, затоа што, како што потенцираше – проблемите на сите се заеднички.

Градиме мостови и коалиции со сите политички партии и можам да потврдам дека во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии да на овие избори уште во првиот круг во определени општини настапиме заеднички. Во една коалиција која ќе ја победи неспособноста, срамот понижувањата, криминалот, пљачката на граѓаните бидејќи солзите на мајката Македонка и мајката Албанка и Турчинка, Влаинка, Ромка подеднакво болат кога се простува од своето дете кое што поради што не добило шанса во својата држава одлучуваат да ја напуштат Македонија, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа дека овој повик за конечно да се изборат против неспособноста, криминалот и понижувањата кои оваа власт им ги приредува на граѓаните, се однесува и на раководството на Левица.

Ако Левица сака да делува опозициски и да ја поразиме оваа неспособна владеачка гарнитура нека се приклучат кон овој опозициски фронт, рече Мицкоски.

Апасиев одговори преку социјалните мрежи. Обвини дека реалноста е една, настапот на телевизија друго. Дури и нападна дека одредени медиуми имаат забрана од ВМРО-ДПМНЕ да го канат во емисии па дури и да водат валкана кампања против него и неговата партија. Тој упати и низа навреди до медиумите.

Мицковски на телевизија: „Подаваме рака на Левица да се обедини ОПОЗИЦИЈАТА“!? Мицковски во реалноста: – двегодишна забрана на ТВ Алфа да кани гости од Левица; – Курир, Република, Нетпрес и остали вмроидни куртон-медиуми со месеци наназад водат валкана кампања против Апасиев („пудлицата на Заев“) и Левица, по директива на Белата палата; – договара легализација на дивоградби со Заев у четири очи, во корист на урбаната мафија; – аминува фингиран Попис, за вештачки демографски етно-инженеринг на Македонија; – ќути на двојазично Собрание (и остава двајца пратеници да ја бијат битката со Џафери и ДУИ); – прифаќа етницитет во лични карти, коо да сме Руанда; – прави кворум на Закон за државјанства, за косоваризација на МК (со цел да им се додвори на наци-фашистите од Алијанса); – малициозно спрема покварени измени во Изборен законик, со снајперски оган насочен директно против Левица (фб-рекламирање)… И, кога после се, идат анкетите пред Локални – гледа дека без Левица нема победа!? И ај си вика, ова дечиштава, ќе им фрлам коска, ќе ги омекнам!? 😉 Види вака друже. Скроз си ја зрешил сликата за нас. Политичкото рацио на Левица не е да донесе некого на власт! Политичкото рацио на Левица е да стане власт“, напиша Апасиев.

Мицкоски изрази жалење што, како што вели, раководството на Левица ја одбива подадената рака за обединување со опозицијата против неспособноста, против криминалот, корупцијата и против лошиот живот наметнати од власта на СДСМ и ДУИ.

Дозволувам да верувам дека ова е можеби резултат на недостаток на политичко искуството на раководството на Левица.
Впрочем, никој не побара од Левица да помогне да дојдеме на власт. Побаравме да се обединиме да го срушиме Заев, а фактите говорат дека дел од раководството на Левица има лична одговорност за носењето на коалицијата СДСМ/ДУИ на власт. Еве шанса да се поправи грешката која сите нас скапо не чини. Да се обединиме во голем опозициски блок против СДСМ и ДУИ, Целта е коалиција против криминал и корупција, за вадење на Македонија од калта во која се наоѓа, за подобра економија, образование и здравство. Сосема на крај, никој нека не се сомнева во посветеноста и силината на ВМРО, таа извира од македонскиот народ, нашата традиција и идентитет. Ние одиме по патот на рушење на овој корумпиран хибриден режим, дали Левица ќе биде дел од тој поход зависи од нив…- посочи Мицкоски.