Антикорупциската комисија ја побарала целата документација од М-Нав за тендерот за набавка на радарски систем, а од кабинетот на премиерот Зоран Заев објаснување во кое својство се нашол генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во целата процедура.

Ова беше речено на денешниот брифинг со новинарите на кој членовите на ДКСК посебно внимание обрнаа на законските одредби за спречување на корупцијата и во тој контекст на препораките на ГРЕКО, особено од аспект на јакнење на интегритетот на избраните и именуваните државни функционери.

Во отворениот предмет за Владиниот генсек, антикорупционерите во својот фокус ќе го стават барањето одговор на прашањето зошто се чекало две години за реализација на тендерот на М-НАВ, со што, практично, можела да биде доведена во прашање безбедноста на авионскиот сообраќај.

Антикорупционерите истакнаа интересен податок дека досега ниту еден од избраните или именуваните државни функционери не побарал обука за јакнење на интегритетот. Согласно последните препораки на ГРЕКО, тие најавија дека со редовни обуки ќе почнат од почетокот на наредната година.