Антикорупционерите бараат струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да одговара кривично поради финансиски малверзации потврдени во нивната истрага но и од државните ревизори. Кривична одговорност се бара и од претседателот на Кривичниот суд во Струга кој лично дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари иако таа беше една од најзадолжените.

Како малверзации се сметаат сомнителни јавни набавки, нерационални трошења и секако набавката на луксузното „ауди А6“ од 70 илјади евра за службено возило.

Антикорупциска поднесе иницијатива која од скопското преку струшкото обвинителство заврши во Обвинителството за организиран криминал каде се води уште една предистрага за нелегална продажба на објекти.

– Од 2018 година во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се оформени три предмети од кои за еден е предизвикан судир на надлежност и истиот е препратен на надлежно постапување во ОЈО Струга. Во предметот за јавната набавка на Општина Струга на 3 автомобили и еден луксузен автомобил марка Ауди А6, што беше отворен по иницијативата поднесена од Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси во 2019 година е во предистражна постапка и се чекаат наодите од вештачењето, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. Што се однесува до другиот предмет истиот е за бесправна продажба на објект и исто така е во предистражна постапка. Со оглед на тоа дека предистражната постапка согласно закон е тајна во моментов за жал не може да се споделат детали во врска со предметот – информираат од Обвинителството за гонење на организиран криминал.