Доколку утре се одржат парламентарни избори 25 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а пак за СДСМ би гласале 23,1%, покажуваат резултатите од најновата анкета на М-проспект. Дека нема да гласаат ако утре се одржат парламентарни избори се изјасниле 11,7 отсто од испитаниците, 14 отсто не знаеле за кого ќе гласаат, а 10,5 отсто не одговориле.
М-проспект изврши теренско испитување на јавното мислење во периодот од 15 мај до 7 јуни годинава.
Според анкетата за ДУИ би гласале 5.1%, за Алијанса за Албанците би гласале 4.2% и за БЕСА 2,1%.
Од анкетата може да се забележи и промена на рејтинзите на најголемите партии. Споредено со минатата година, опаднала популарноста на СДСМ, од 25,5 отсто во 2018 на 23,1 отсто сега, додека се искачила популарноста на ВМРО-ДПМНЕ, од 20,6 отсто во 2018 година на 25 отсто сега.
Во поглед на лидерите на двата најголеми политички блока – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во однос на истата анкета минатата година, опаднал рејтингот на Зоран Заев, бидејќи во 2018 изнесувал 24,1 отсто, а сега 18,3 отсто. Наспроти тоа, пораснал рејтингот на Христијан Мицкоски – од 2,9 отсто во 2018 година, на 11,7 отсто сега.
И етничките Македонци и етничките Албанци во најголем процент не веруваат во ниту еден политичар (28,8 проценти од етничките Македонци и 33,2 отсто од етничките Албанци). Македонците го преферираат Зоран Заев (21,3 отсто), а 16,1 отсто имаат најголема доверба во Христијан Мицкоски. Етничките Албанци најмногу го бираат Али Ахмети (18,2 отсто), а втор е Зијадин Села (15,9 проценти). За Зоран Заев се изјаснуваат 9,3 отсто, а Билал Касами е избран од 8,4 отсто од испитаниците – Албанци.
Во поглед на поддршката кон политичките партии по етнички клуч, секој трети етнички Македонец би гласал за ВМРО-ДПМНЕ – 34 отсто, додека пак 26,6 отсто би гласале за СДСМ. Од етничките Албанци 10,8 отсто би гласале за СДСМ, 22,6 отсто за ДУИ, 19,3 отсто за Алијанса за Албанците, а 9,8 отсто за БЕСА.
Comments are closed for this post.