Додека градоначалникот Петре Шилегов организира комични настапи во кои ја промовира својата неработа, Скопје се гуши во нечист воздух. Воздухот во Скопје е загаден 40 пати над нормалата!, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Андоновски, тоа го прави Скопје најзагаден град во Европа. Загаденоста на воздухот оддалеку ги надминува европските просеци, а според истражувањата на Европската агенција за животна средина, Македонија е земја каде ситуацијата со загаденоста е најалармантна.

Мерната станица во Ѓорче Петров во текот на вчерашниот ден во период од 6-7 часот изутрина и од 9-10 часот претпладнето покажуваше дека вредноста на канцерогените ПМ 10 честичките изнесува неверојатни 1999 µg/m3, по што мерната станица е изгасена.

ПМ 10 честички во износ од 1999 µg/m3, се 40 пати над нормалата. Ова не е лошо, ова е алармантно и на сето ова не гледаме никакви мерки од градските власти, рече Андоновски.

Тој го обвини градоначалникот Шилегов дека не ги исполнил ветувањата за решавање на проблемот со загадениот воздух.

Шилегов дојде на власт, а воздухот не само што не е почист туку е и позагаден. За една година Шилегов нема преземено ниту една мерка за справување со загаденоста на воздухот. Напротив, сведоци сме на објаснувања контрадикторни на предизборните ветувања и изговори дека експресно решение дека сега не било можно. Доколку нивото на загаденост е алармантно уште во ноември, што го очекува Скопје во декември, јануари, февруари и март? Скопјани не смеат да ја плаќаат неодговорноста на градоначалникот Петре Шилегов”, додаде тој.