Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис утре пристигнува во официјална посета на Македонија.

Матис се очекува да се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а потоа е предвидено заедничка изјава за медиумите.

За делегацијата на САД предводена од Матис ќе биде организиран свечен пречек на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и на платото пред Владата на Република Македонија.

Американскиот секретар за одбрана Матис претходно неделава најави дека ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

  Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија.

 Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација, рече тој.

Прв пат во изминатите 14 години американски секретар за одбрана ќе ја посети Македонија.