Еден од најконтроверзните политичари во Македонија, Амди Бајрам би можел да стане прв македонски европратеник и пред официјалниот влез на Република Македонија во Европската унија.

Ваквото сценарио е остарливо доколку Европската ромска партија влезе во следниот состав на Европскиот парламент на изборите во мај следната година.

Оваа партија треба да се формира во следните неколку месеци а неколкумина од иницијативниот одбор минатата недела беа во Скопје на средба со Бајрам каде му било предложено да биде нејзин претседател.

Бајрам во изјава на Пресинг Тв потврдува дека е предложен и оти се надева дека ќе биде избран да биде на чело на најголемата ромска партија во Европа.

– Чест ми е што сум номиниран да бидам претседател на Европската ромска партија и доколку влеземе во Европскиот парламент ќе станам првиот европратеник од Македонија-вели Бајрам.

Единствена ромска партија не е без шанси да стане дел од Европскиот парламент ако се знае големиот број на Роми што живеат во Европската унија.

Иако е тешко да се утврди точниот број, се претпоставува дека во Европската унија живеат околу шест милиони Роми што ги прави една од најголемите етнички заедници.

Најголем дел живеат во Романија, околу два милиони, Бугарија и Шпанија околу 800.000, во Унгарија речиси 700.000 и Словачка со речиси половина милион.

На сите нив лидер би можел да им биде токму 62-годишниот Бајрам кој е познат по честото менување на партии и ставови.

Неговиот сојуз за Ромите долги години беше дел од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за по изборите во 2016 година да премине во коалцијата на СДСМ и денеска е едена од најгласните поддржувачи на политиката на премиерот Зоран Заев.

Целосното интервју со Бајрам гледајте го во среда на „Пресинг ТВ“.