Кејт Брнз, американската амбасадорка во Скопје, денеска на конференција пред судиите изјави дека македонските граѓани немаат доверба во судството. Повикувајќи се на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, таа изјави дека е неопходно да се врати довербата кај граѓаните да видат дека системот функционира.

-Не е тајна дека јавноста не верува во судството. Всушност, неодамнешна анкета на ‘Еуротинк’ покажа дека само 8 отсто од граѓаните на Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно, има многу за работа, вклучувајќи судски реформи и зајакнување на институциите, но исто така треба да се адресираат и перцепциите – луѓето треба да видат и да почувствуваат дека системот функционира. Граѓаните мора да бидат уверени дека нивните случи ќе бидат сослушани од неутрални и независни судови во разумен рок. Ова е основен принцип во секоја слободна и функционална демократија, рече Брнз на меѓународната судска конференција „Судска независност низ реформскиот процес – очекувања и реалност“ во Скопје.

Според неа, судството мора да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот еднакво за сите доколку сака да ја врати довербата на граѓаните.

-Враќањето на довербата на јавноста може да се постигне само ако сите судии прават повеќе од она што се очекува од нив кога ја дале заклетвата, вели Брнз.