Од Алијансата за Албанците не исклучуваат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ доколку лидерот Христијан Мицкоски се извини за настаните од 27 април. Ова за „Независен весник“ го велат извори од партијата на Села на прашање за постизборни коалиции.

На централно ниво не сме разговарале со колегите од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не значи дека нема да преговараме во иднина, особено доколку тие се победници во македонскиот блок, а ние во албанскиот. Но и најважно, доколку се согласуваме со програмите. Легитимитетот го даваат граѓаните преку нивните гласови“, нагласува висок извор од Алијансата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат оти и натаму остануваат отворени за соработка со која било од албанските политички партии, нагласувајќи оти имаат редовен контакт со нив. Претседателот Мицкоски најави дека доколку резултатите од изборите остават простор за смена на власта, предност во коалицирањето ќе се даде на принципот „програма со програма“ наместо „победник со победник“ што беше воспоставен во 2008 година на инсистирање на ДУИ, а која беше игнориран по последните парламентарни избори во 2016 година.

„Или имаме заедничка програма и таа програма ќе ја реализираме или ќе немаме практично никаков бенефит за нашите гласачи ако победникот со победникот не можат да се договорат за програмските начела. Тогаш нема да може да се реализираат ветувањата“, изјави Мицкоски.