Порталот на албански јазик „Алмакос“ објави текст со наслов „Кој е вистинскиот Никола Димитров?“, со индикативна порака до Албанците и нивните политички претставници спроти партиските одлуки за можните кандидати за претседател на државата и евентуалната поддршка околу името на консензуалниот кандидат.

Покрај изборот на Димитров за министер за надворешни работи, што порталот го именува како изненадување, во текстот се споменуваат периоди од неговиот политички ангажман како преговарач за името, ко-застапништвото во тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд во Хаг, амбасадорувањето во Холандија и „сервисирањето на потребите на воениот злосторник Јохан Тарчуловски, кој беше осуден на 12 години затвор за убиството на 10 Албанци во Љуботен“.

Но, како што се вели во текстот, со цел Албанците  да не наседнат, по којзнае кој пат, на луѓето кои се претставуваат како демократи и космополити, порталот  објавува делови од интервју на Димитров за „Утрински весник“ во август 2001 година.

Според медиумските извештаи од тој период, Димитров ги напуштил преговорите во Охрид затоа што не се согласувал со концептот на Рамковниот договор кој, според него, не бил заснован на граѓански, туку на етнички принцип. Во споменатото интервју Димитров на широко ја образложува својата позиција и вели дека некои решенија во Охридскиот рамковен договор ќе ја дестабилизираат и поделат Македонија. Еве неколку тези од тоа интервју со кое Димитров застанува на тврди националистички позиции, слични на оние на Ѓорги Иванов, кој тогаш, во 2001 година, исто така напиша дека договорот од Охрид ќе ја растури државата.

Самиот наслов на интервјуто („Решението за полицијата има потенцијал да ја подели Македонија“) имплицира дека решението за полицијата во Рамковниот договор, може да ја подели Македонија. Негова прва спорна теза е дека сите македонски граѓани ја конституираат македонската нација, што никогаш не било точно, бидејки Албанците никогаш не биле дел од македонската нација.

Во еден дел од интервјуто тој вели дека Албанците имаат друга матична држава, а тоа не е Македонија, што според Димитров, значи дека тие се овде доселеници, на кои ако не им се допаѓа можат да побараат алтернативни места за живеење.
Димитров исто така вели дека пред 2001 година немало мајоризација од Македонците врз Албанците (!?) за сега да се измислуваат специјални процедури кои со договорот (мисли на т.н. Бадинтерово мнозинство) ќе ја спречат таа мајоризација. Притоа, Димитров не кажува колку Албанци биле вработени во МНР каде што работел со години или во МВР пред 2001, бидејќи решението за полицијата особено му пречи.

Решението за полицијата, според него, нема никаква допирна точка со држава базирана на граѓански концепт, и тврди дека тоа води кон „федерализација или боснизација на Македонија”. Како што можеме сите да видиме, 18 години подоцна Македонија не се распадна заради Рамковскиот договор. Напротив, со унапредување на правата на Албанците се засили нивната лојалност кон државата. Како што е познато, токму заради Рамковниот договор Македонија доби кандидатски статус во ЕУ, а неговата имплементација, освен договорот за името со Грција е главниот предуслов за влез на Македонија во НАТО“.

На крај, Алмакос заклучува дека останува само дилемата дали Албанците, уште еднаш, после, како што пишува порталот, катастрофата со Ѓорги Иванов, ќе му дадат поддршка на човек, кој ги третира за дојденци во „неговата” земја и кој смета дека унапредувањето на нивниот статус и права се закана за стабилноста на Македонија.