Ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите за членство летово, тогаш во игра се опциите кои ги најави премиерот Зоран Заев пред неколку денови.

Доколку премиерот се одлучи за избори тогаш речиси е извесно дека нема да се реализира најавената реконтрукција на Владата.

Во таков случај, во игра се две варијатни. Предвремени избори или враќање на мандатот кај претседателот Стево Пендаровски.

Во случај на враќање на мандатот кај претседателот се смета дека целата влада е веќе во оставка. Шефот на државата има десет дена да го даде мандатот на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието.

Откако ќе го даде мандатот или на досегашниот мандатар или на било кој од партијата со најмногу пратеници тој има рок од 20 дена да ја формира новата Влада.

Овие одредби се пропишани во Законот за избор на Влада и во Законот за претседател и неговите надлежности при избор на Влада.

Доколку пак се реализира втората варијанта и се оди на предвремени избори тогаш се активира моделот т.н Пржинска влада кој беше првпат употребен за изборите во 2016 година.

Но и тука постојат недоречености. Законот предвидува техничка влада со технички премиер и министри од опозицијата во неколку клучни ресори како МВР, труд и социјала, земјоделство, админстрација и неколку заменици министри во траење од 100 дена пред избори.

Но, тоа е во услови на редовни парламентарни избори. Друга опција е можните предвремени избори да се организираат со скратени рокови во согласност со Изборниот законик, но така, наместо сто дена, преодната влада би имала покус период на располагање, што не е во согласност со Законот за Владата.

Изборите во 2016 година , иако беа предвремени и неколкупати одложувани техничката влада траеше повеќе од 100 дена.