Балканот бил и останал крстосница на народи и култури, дестинација на масовни миграции на народите, област каде што коегзистираат христијанството (православното и католичкото), исламот и јудаизмот. Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, па, оттука, може да се зборува за „споделени места на меморијата“ на балканските народи, но не и за „заедничка историја“, пишува за денешното издание на „Нова Македонија“, академик Љупчо Коцарев.

Тексотот на академик Коцарев го пренесуваме во целост.

Некои од македонските политичари и историчари, поради неукост, алчност, сервилност и понизност, за жал, се заплеткаа и се вовлекоа во замката на концептот „заедничка историја“, што сигурно ќе доведе до целосно разнебитување и исчезнување на Македонците. Еве што пишува за пристапот на Бугарија кон независна Македонија бугарскиот историчар Чевдар Маринов, во книгата „Македонското прашање од 1944 до денес“ (првпат објавена во Франција, во 2010 година, а преведена на македонски јазик во 2013 година): „Иако прво во светот, признавањето на македонската независност од страна на Бугарија самото по себе е двосмислено. Набргу по чинот на Владата, претседателот Желев изјавил дека Бугарија ја признала само ‘политичката творба’ наречена Република Македонија. Желев додал дека неговата земја никогаш нема да ги признае македонската нација и јазик. Така, претседателот и другите политичари од Сојузот на демократските сили (СДС) започнале да ги повторуваат постулатите од времето на Живков: македонската нација е ‘создадена вештачки’, и тоа врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија. Македонскиот јазик е бугарски дијалект, изменет под свесно наметнатото српско влијание. Сепак, двете држави би имале ‘заедничка историја’, а ‘жителите’ на Република Македонија би требало да ги признаат ‘фактите’ и ‘историските реалности’“.

Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите и народите во меѓународната заедница. Од меѓународните повелби и конвенции произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен, јазичен и номинален идентитет. „Мирот на Вестфалија“ од 1648 година се смета за најголем настан во меѓународното право. Тој го воспоставува сегашниот меѓународен правен поредок, во кој независни суверени субјекти познати како „национални држави“ имаат еднаков суверенитет, без оглед на големината и моќта, дефинирани првенствено со неповредливоста на границите и немешањето во внатрешните работи на суверените држави.

Појавата во 19 век на политичката идеологија „национализам“, во којашто луѓето почнаа да се гледаат себеси како граѓани на одредена заедница со изразен етнокултурен идентитет, дополнително го зацврсти концептот на националните држави и нивното формирање, и во тие рамки го наметна прашањето за тоа што, всушност, претставува суверенитетот на една држава. Дел од суверенитетот на една држава го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи: религијата, јазикот, националноста и, соодветно на тоа, образовниот систем, вклучувајќи ја и историската наука.

Кога зборуваме за историјата на Балканот и на балканските народи, веројатно има толку вистини (толкувања на настаните) колку и народи, ако не и повеќе. Процесот на помирување на различните истории на Балканот се наоѓа токму на почетокот и веднаш наидува на пречки. За Македонците, за жал, најстрашен е неукиот и сервилен однос, не само на македонските политичари туку и на македонските историчари, актуелните македонски „експерти“ на заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, токму оние што треба и од кои се очекува да ја промовираат историската вистина. Христијанските просветители и мисионери Кирил и Методиј се духовни лица, на кои не може да им дадете националност и да ги присвоите. Затоа, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, 24 Мај, треба да го одбележуваат не само Македонија и Бугарија туку сите словенски држави и народи. Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот, што за нас би значело без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени.

Повеќедецениските истражувања на академикот Цветан Грозданов и дописниот член на МАНУ Сашо Цветковски покажаа дека најголемиот број икони и фрески со портретите на Св. Климент и Св. Наум се наоѓаат во Македонија, помал број во Грција, Костур и Верија, во Албанија, околу Корча и Москополе, како и во Србија, во деловите што низ историјата влегувале во границите на Охридската архиепископија. Од друга страна, во Бугарија не се откриени сликани претстави на Св. Климент, Св. Наум и Св. Јован Владимир, од средновековниот период (X – XV век) и од периодот на доцниот среден век (XVI – XVIII век). Сè до 19 век, во Бугарија, Св. Климент и Св. Наум, авторите на кирилицата, не се славени, ниту сликани во црквите, тие не биле земани за патрони и заштитници, па апсурдно е тоа што официјалната бугарска политика во изминатиов период ја присвојува традицијата која воопшто не била негувана и прифатена кај нив.

Средината што овие светители ги сметала за свои и во која се почитувале и се славеле култовите кон нив, тоа го изразувала сликајќи ги нивните ликови во црквите, сметајќи ги и прифаќајќи ги за свои патрони, заштитници и покровители, и на тој начин, очекувано, тие станале дел од традицијата и културниот идентитет на таа средина и на тој народ. Со други зборови, Св. Климент и Св. Наум се извори на македонската традиција и македонскиот идентитет. Тогаш, се наметнува прашањето: Зошто, воопшто, е потребно нивно заедничко чествување? Во контекст на одговорот на прашањето би истакнал, според мене, еден значаен податок. Најстариот универзитет во Бугарија, формиран во 1888 година, го добил називот Софиски универзитет „Св. Климент Охридски“ во 1905 година. Не негирајќи го правото секој да ги именува своите институции, ако се има предвид дека на денешната ситуација ѝ претходат вековни осмислени дејства, процесот на воспоставување искрени, добронамерни и достоинствени соседски односи меѓу Македонија и Бугарија, според моето мислење, ќе биде долготраен. Просторот не дозволува да се осврнам на анализите и ставовите на другите светски и македонски познавачи на историјата на Балканот, но тука, сепак, би ги издвоил неодамнешните текстови во „Нова Македонија“ на академик Катица Ќулавкова и на професорите Илија Велев и Митко Панов, кои, во суштина, го резимираат горенаведеното.

Францускиот филозоф Жил Делез честопати го цитира познатиот расказ на Борхес, со наслов „Градината на раздвојувачките патеки“. Во овој расказ, еден човек соочен со алтернативи, не избира една алтернатива на сметка на другите, туку ги избира истовремено сите патеки и сите можности. Делез го користи овој расказ за илустрација на концептот на Лајбниц за истовремено постоење на повеќе светови. Историјата е составена од повеќе патеки, патеки што се раздвојуваат, од раздвојувачки патеки што водат во повеќе насоки, при што едновремено се вкрстуваат (споделени места на меморијата) и се раскрснуваат, па, оттука, заеднички државни истории не постојат. Историјата на Македонија постои и претставува независен ентитет (еден историски свет) во множеството историски светови – таа воопшто не е и не треба да биде тема за политичко пазарење. Историјата на Македонија треба да се пишува водејќи сметка за македонскиот идентитет, кој го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, од колективната меморија, менталитетот, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, револуционерните борби за македонска држава, од почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, и само со такво испишување на историјата ќе се трасира и иднината на Македонија.