Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги разреши сите општински комитети – вкупно 35 на број и отвори постапка за нови именувања на месните ограноци. Во партијата на власт тврдат оти нивните мандати завршиле и оти нема ништо чудно што во еден ден се ослободени од обврските, објавува Независен.
Секој од нив ќе има право повторно да се кандидира што само по себе го наметнува прашањето дали помалиот коалициски партнер во Владата ги следи постапките на повозрасниот.
ДУИ не го копира СДСМ со партиските промени. Лидерите на ограноците не се отпуштени, туку мандатот им истече пред една година, уште во ноември. Случувањата во партијата се во согласност со статутот на партијата. Централниот одбор сега одлучи да назначи координатор за секој огранок и да започне со организирање на изборите, од локалните совети до претседатели на филијалите. Координаторот во овој период ќе биде контактната точка помеѓу центарот и филијалата, но нема да има право да се кандидира, објаснува вицепремиерот Бујар Османи.
Сепак, извори од партијата за Независен посочуваат дека претседателот Ахмети се послужил со тактиката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и со еден удар ги исчистил сите оние што со своето однесување и изигрување локални шерифи го нарушуваа имиџот на партијата.
Некои од претседателите на месните комитети се на истата позиција и по десетина години, а други се назначени пред неколку месеци. Доколку Ахмети ги менуваше само оние што му правеа штета, тогаш тие ќе се налутеа и ќе се свртеа против него. Вака, под превезот на подготовки за партискиот конгрес наесен, се направи чистка и на добрите и на лошите. – коментираат извори на Независен.
Тие потенцираат дека меѓу проблематичните отскокнуваа Беќир Асани и Рамиз Мерко, кои последнава година особено ја иритираа јавноста со своите постапки.
Comments are closed for this post.