На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков му е одреден притвор во траење од 30 дена поради опасност од бегство. Тој од синоќа е во затворот во Шутка.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе Предлог за определување мерка – Притвор према М.Ч. согласно чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка.

Имено, по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка – Притвор. Кривичниот совет го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот со Решение му определи мерка – Притвор во траење од 30 дена.

Во решението на Кривичниот совет стои дека  Чавков синоќа бил притворен бидејќи планирал бегство во вила на Халкидики која тој ја поседува.

Според објавените документи до обвинителството од страна на МВР, односно од единицата Алфи, е доставена службена белешка во која пишува дека Чавков „поседува вила на Халкидики, Р. Грција“ и планирал да се даде во бегство пред денот кога е закажано рочиштето за објавување на пресудата .

На 12 март 2019 година, по остварена средба со близок пријател, подносителот на службената белешка добил информација дека обвинетиот за случајот „27 април“, Митко Чавков, поседува вила на Хаклидики, каде истиот планира пред да му биде изречена пресудата во петок (15.03.2019 година) да ја напушти државата, односно, да се даде во бегство, при што се напоменува дека пријателската врска е во многу блиски релации со семејството на обвинетиот- стои во образложението на Решението со кое Митко Чавков беше вратен во притвор.

Ќерката на  Чавков, Зорица  тврди дека нејзиниот татко е приведен во монтиран случај со службена белешка која не е веродостојна.

Го повикува обвинителството јавно да обзани барем еден доказ со кој се поткрепува информацијата, од службената белешка на МВР, дека Чавков поседува вила на Халкидики и дека планирал бегство.

„Притворање пред изрекување на пресудата значи дека таа е донесена и дека е драконска“, вели адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапува поранешниот директор на БЈБ.  Тој прогнозира дека Чавков ќе добие затворска казна од над 14 години.

„Некаков си близок пријател на г. Чавков му кажал сосема случајно на некојси припадник на единицата „Алфи“, дека Митко Чавков има вила на Халкидики, не во Република Грција него во Халкидики, па се спремал да избега. Сето тоа е на 12-ти денеска и експресно врз основа на службена белешка, значи без никаква реална околност, било каков обид за бегство или нешто друго да е направено, туку врз основа на службена белешка која за судот беше доволна да определи притвор. Она што е многу битно да се потенцира, Митко Чавков беше на слобода со прифатена гаранција од 600.000 евра, не во пари туку во недвижнини, на членови на неговото најблиско семејство. Дали некој нормален може да смета дека тој ќе се даде во бегство и ќе ги остави неговите најблиски на улица“,  вели Дуковски за Телма.

Митко Чавков е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата, стои во соопштението на обвинителството.