Во понеделник стартуваат преговорите меѓу владејачката  СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу пакетот реформски закони од судството. Пресинг ТВ дознава дека тим лидер на опозициските демохристијани е познатиот адвокат Тони Менкиноски кој со платформа „њу дил“ ќе седне на преговарачката маса со министерката за правда, Рената Дескоска.

На маса ќе бидат ставени законите за Јавното обвинетелство и за Советот на јавни обвинители како и тој, кој има ознака „контроверзен“, за Специјалното јавно обвинтелство (СЈО).

Според сознанијата на Пресинг ТВ, таканаречениот „њу дил“ е всушност платформа на ВМРО-ДПМНЕ за решавање на проблемите во интерес на граѓаните.

Пред неколку месеци адвокатот Менкиноски кој беше бранител на клиент обвинет за настаните од 27 април го врати полномошното истакнувајќи дека судот не му дал доволно време да ја подготови одбраната. Потоа во интервју за Пресинг ТВ истакна дека „судството работи по принципот на Робеспјер“ и обвини за семејни врски во судскиот систем.

Пресинг има неофицијални сознанија дека Менкиноски ќе настапи со тврди ставови за реорганизација на Обвинителствотото, за ефикасност на судовите како и за поставување силна брана на партиските влијанија врз судството. Во таа насока, во одбрана на тезата за „њу дил“, односно водење на интересите на граѓаните, фокусот ќе биде ставен врз проблемите со корупцијата, било да е политичка или економска, особено таа за која има сомнежи дека е во редовите на „високата политика“.