Вкупно 50 200 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 23 808 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почнува утре во 10 часот во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника.
Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.
Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Во земјава завчера од Република Србија пристигнаа првите 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.
До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Comments are closed for this post.