30 дневен притвор им е одреден на седум лица, а на едно лице му е изречена мерка за обезбедување присуство, во случајот со осомничените за трговија на артефакти од непроценлива вредност.

По едногодишна коодинирана акција со Министерството за внатрешни работи било утврдено дека тројцата првообвинети со цел стекнување на противправна имотна корист создале група со која на територијата на Република Македонија превземале заеднички или поединечни дејствија на присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости.

На групата се придружиле и останатите осомничени, па како добро организирана криминална група, со однапред договорени задачи за секој од припадниците, дејствувала во периодот од втората половина на 2017 година до 04.10.2018 година.

Надлежниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за седум лица и мерки за обезбедување присуство за еден од осомничените. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на седуммината осомничени им изрече мерка притвор во траење од 30 дена, а за едно лице изрече мерки за обезбедување присуство. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица – македонски државјани. Сите осомничени се товарат дека сториле кривично дело Злосторничко здружување по член 394 од Кривичниот законик. Покрај ова, осомничените сториле и други кривични дела и тоа: шестмина се сомничат и за Изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по чл.266 од Кривичниот законик, на 11 осомничени лица им се става на товар и кривичното дело Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по член 265 од Кривичниот законик, шест лица од осомничените се теретат и за кривично дело Прикривање по член 261, а три лица и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на ОЈО .