Фудбалерите на Вардар се елиминирани од УЕФА Конференциската лига (КЛ), откако загубија на гостински терен по продолженија од Рига со 5-2 (3-2, 1-2, 0-1) во драматичен реванш од 2. квалификациско коло во кој одиграа херојски 90. минути и со фудбалер помалку на теренот од 20. минута имаа водство од два гола разлика до самиот финиш во регуларниот дел.

Вардар брзо на реваншот во летонската престолнина ја анулираше негативата од 2-3 од првиот натпревар во Скопје преку Бабунски кој во 17. минута со прекрасен волеј удар му донесе водство на македонскиот шампион.

Само две минути подоцна, Најдовски беше исклучен поради прекршок на работ на шеснаесетникот по кардинална грешка во одбраната на Матиќ, но и со фудбалер помалку Вардар во 66. минута со голот на Омерагиќ дојде до посакуваното водство кое го одржуваше до самиот финиш од регуларните 90 минути.

Рига ја круниса теренска надмоќ на теренот во 87. минута кога Талво го совлада одличниот голман Талевски и го однесе натпреварот во продолженија.

Летонскиот тим веќе во втората минута од првото продолжение со голот на Ауани го израмни резултатот, а во 105. минута дојде до целосен резултатски пресврт со голот на Сикуера.

Рамирез во 109. минута го зголеми водството на Рига, а конечниот резултат го постави Фереира во 117. минута

Во завршните моменти од првото продолжение поради директен црвен картон беше исклучен и тренерот на Вардар, Фабијани.

Вардар сезонава по пауза од шест години се врати на европската клупска сцена на која во 1. квалификациско коло во Лигата на шампиони беше елиминиран од фински Купс со вкупен резултат 3-4.