Свети Никола“ во Прилеп. Празник на градот, куќна слава на половината прилепчани на кои другите им одат на гости.
Пред точно 20 години, Свети Никола стана градска слава, а светецот – заштитник на гадот. Прославата e од памтивека, a последните две децении е со намера да ги зајакне традициите, да го врати заедништвото меѓу луѓето.

А традициите не ќе може да опстанат без малите посни сарми. И не случајно Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди на 19 декември 2008 година со приготвени 80 191 мала посна сарма. За секој прилепчанец по една. Рекорд како симбол за заедништво.
Се слави празникот на градот по 20 пат. Со посна трпеза, благослови и песни.
Два дена, повеќе од 40 прилепчанки од четири здруженија вредно ги виткаа малите посни сарми, симболот на прославата, но и на традицијата.

-Колку помали, толку повкусни. Ама и потерсене за приготвување. Секоја посна сармичка, како оревче, едно залаче. Тајната е во деталите, зачините и тивкото варење на сармичките во тенџерето како бисери нанижани, со гордост објаснува Љубица Петреска, претседателка на Здружението на жени „Мајка традиција“ кое заедно со здруженијата „Преродба“, „Китка“ и „Орхидеја“ со радост ги виткаа сармите.
Прилепчанки се радосни што продолжи традицијата на виткање сарми која од пандемијата беше прекината.
-Оваа традиција не смее повеќе да се прекинува. Посебна гордост е што ги гледаме младите. Ни се придружија, сакаат да ја научат и да ја продолжат. Може да бидеме спокојни. Традицијата е во сигурни раце, објаснува Петреска.

Снежана Думчичулеска иако е пензионерка, првпат учествува во виткањето мали посни сарми за празникот на Прилеп. Вели, посебно е чувството на припадност, на заедништво при виткањето светиниколски сарми.
-Прпат учествувам. Чувството е прекрасно, заедно сите да работиме, да се дружиме, да споделиме искуства. И да научам уште многу мали тајни на големите готвачки. Тајната во убавите посни сарми е што се мали, тоа е умешност. Во нив е посебниот вкус, објаснува радосно Снежана Думчичулеска.
И младите беа покрај бабите да научат. И не се срамат да прашаат.

– Додека помагавме, виткавме сарми, добивме многу соврети. И така ја чуваме традицијата. Си помагаме едни на други. Така не учеа нашите баби и дедовци. Да бидеме добри, скромни и да ја делиме радоста. Весело беше и незаборавно, вели петтооделенката Ника Стефанов.
Годинашни домаќини на јубилејната прослава на градската слава се две прилепски компании. За нив честа е голема, радоста уште понеизмерна зашто ќе ги угостат ем прилепчани, ем сите гости што ќе бидат во Прилеп за „Свети Никола“.
-Прилепчанките кои ги виткаа малите посни сарми, а од кои ние помладите учиме многу, се столбот на нашата традиција. Чест е да се сподели заедништвото, да се продолжат вековните обележја на нашиот живот. Посено задоволство што се за првпат вклучени и најмладите од градинка. Ја учат традицијата. А како компании домаќини сме подготвени да ги пречекаме гостите во центарот на Прилеп на посна трпеза со сарми, гравче, риба, топол напиток. Свети Никола не е само светец заштитник на градот. Тој е симбол, на заедништвото, на љубовта, на верата, на помагањето едни на други, симбол е на соживотот, милозливоста, добрината, човечноста. Затоа сета прослава е многу позначајна, вели Рената Јанческа Ацеска, претставник од компаниите- домаќини.
Прославата вклучува утринска литургија, пресекувањето на славскиот колач пред параклисот во центарот на Прилеп и многу благослови.

-Традицијата се враќа со искуството, а особено е важно дека ги имаме со нас новите поколенија. Освен што ја враќаме традицијата, го чуваме и социјалното згрижување, потребата секому да се подаде рака. Почитувањето меѓу нас е она што мора да се зачува. Со оваа веќе јубилејна 20-та прослава, Прилеп даде пример на многу градови и тие да го споделат заедништвото, смета прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Прилеп е горд на традиционалните вредности кои на повеќе начини, ги негува, ги зачувува. Еден од нив е преку прославата на својата градска слава „Свети Никола“. За да се пренесат добрата мисла и потребата од заедништво. Посебно потребни во овие времиња на „раситнувања“.
Не ретко на ум паѓа она што Гане Тодороски го вели: „Колку сме, толку сме, токму сме“. Како уште еден благослов за на Трпеза.







Comments are closed for this post.