По половина век, „големиот собир“ на поклониците на рокенрол култот добива глобална историска магнитуда. Овој настан нема само уметничко и идеолошко значење, тој е повеќеслоен и претставува цел еден културолошки тек во времиња, екстремно оптоварени со конфликти. Како што беше американската воена интервенција во Виетнам и Студената војна со СССР. Американското општество во тоа време проаѓаше низ еден динамичен и потресен процес.
Од времето на „Американскиот сон“ на поствоената „baby boom“ генерација, до потресите на политичката сцена, проследени со серија атентати врз национални лидери и активисти за човековите и граѓанските права, расните немири, воениот хорор во Индокина, хаосот во културата. Идиличната проекција на животот на конзервативните кругови во Америка се претвори во непоимлива и параноична дистопија. Тие одеднаш околу себе открија страшен и изопачен свет.
Новата генерација Американци беше поделена помеѓу оние, кои уште веруваа во системот и ги поддржуваа конвенционалните вредности, а со тоа, и империјалистичките тенденции на политичките елити, додека од другата страна се најде сериозна групација на остри критичари на овие состојби, кои жестоко ги соблазнуваа оние, што останаа концентрирани околу естаблишментот на државата. Отпрвин, овие групации беа предводени од интелектуални групи, кои се изродија во рамките на алтернативната или андерграунд култура, а подоцна ги опфатија универзитетите и добија дури еден вид револуционерна аура.
Секако, тоа не беше бунтовничко движење, дизајнирано според веќе истрошените модели, што произлегоа од марксистичкиот концепт на „диктатурата на пролетаријатот“, од кој американската владејачка класа трепереше во паничен страв изминатиот половина век, уште од почетокот на револуционерните движења во Европа…
Оваа параноја порасна,посебно по Првата светска војна и триумфот на болшевиците во Русија. Кризата на капитализмот беше еклатантна во периодот до Втората светска војна, во кој западните плутократски структури го однегуваа фашизмот и нацизмот со огромни финансиски средства, со цел да стане еден вид контра-мерка на растечкото комунистичко движење.
Но, овој вид тоталитаризам излезе од контрола и загрозата не отиде само кон исток, за што беше и дизајнирана, туку се наврте и кон запад, оставајќи неколку традиционални европски империјално-колонијални конструкции на отпадот на историјата. Тоа беа истрошените колонијални системи на Франција и Велика Британија, кои беа поразени од нацизмот, а потоа никако не можеа да се вратат на светската политичка сцена како доминантни фактори. Од овој цивилизациски хаос, на крајот се изродија двете супер сили, кои ја детерминираа светската политика – СССР и САД.
Со политичката доминација, набргу дојде и културната. Додека социјалистичкиот блок, на модернистичките тенденции гледаше како на декаденција и за официјална култура го номинираше социјалистичкиот реализам, западниот империјализам под маската на либерализмот, му се наврти на модернизмот и силно го приграби за своето пропагандно влијание.
Парадоксалноста беше во радикалната промена на ставовите за само две децении. Додека левицата во својата револуционерна фаза го промовираше модернизмот, десницата се држеше за буржоаскиот реализам, но по ретерирањето на ждановистите и навраќањето на естетската традиција од средината на 19 век во име на разбирливите пораки, империјализмот ги окупира овие напуштени територии на модернизмот и го усвои како своја културна стратегија. Така дојде и до културен антагонизам помеѓу Истокот и Западот. САД почнаа да инвестираат огромни средства во модернистите.
Со модернистички камен по комунистичка глава!
Тоа што идеолозите на реал-социјализмот не го сфатија, беше огромната моќ на неразбирливоста на модернистичката естетика. Тука имаше капацитети за создавање големи утописки наративи и уште поголеми мотивациски занеси, но обидот да им се повладува на вкусовите на работниците и селаните, создаде една ригидна и ограничена култура, која веќе во огромна мера беше изживеана од сѐ повеќе модернистички насочената интернационална интелектуална авангарда.
Веројатно, тоа беше и почетокот на крајот на комунистичкиот блок да спроведе светска работничка револуција. Едноставно, ја загуби својата интелектуална и креативна сила. Но, на Запад, нештата почнаа да се комплицираат. Новата интелектуална елита брзо го увиде трикот на либералистичката травестија, па авангардните мислители и творци создадоа свои силни алтернативни и критички движења.
Всушност, овие револуционерни движења сосема отстапија од пролетерскиот архетип, искомпромитиран низ тоталитаристичките сведоштва, анахроната естетика и грубиот однос кон човека. Овие културни тенденции беа антидогматски. Метафизиката, која често пати се појавуваше во дискурсот на оваа алтернативна кулутра, беше езотерична и егзотична, воедно, напати како ритуалност, а напати како медитативна сеанса на духовен вознес.
Тоа беше револуција на свеста, на мирот и љубовта, а најмногу од сѐ, на креативноста. Таа творечка ерупција, што се случи на Запад, а посебно во САД, успеа да предизвика невидени општествени влијанија, кои радикално влијаеа на човековата историја. Ефектите од креативноста, манифестирана во овој, по сѐ, необичен и докрај недефиниран естетски контекст, трае до ден денес, иако со многу ослабена аура на привлечноста и веќе добро вообличените контури на конспирацијата.
Целото ова движење имаше и своја интелектуална и митолошка предисторија. Откривањето на Истокот и Зен-будизмот се наметна како цивилизациски контрапункт во амбиентот на Виетнамската војна. Луѓето од САД, оние со емпатија и со пошироки ментални хоризонти, се прашуваа – „Кого ние таму убиваме? Кои се тие луѓе?“ Системот не можеше да ги крие работите, а кај политички освестените млади Американци почна процесот на покајување.
Омразата кон системот, што манипулираше и вршеше секаков вид репресија врз сопствените граѓани, а и кон оние далеку од Америка, кулминираше. Сето ова создаде едно фантастично милје, во кое уметноста и политиката се споија во дотогаш невиден амалгам. Се појави револт, кој ги повлече масите во огромен обем. Во тој контекст, ритуалноста на музиката привлече многу поклоници, идеалисти и фантазери. Но политичкиот критицизам беше силен и издржан.
Рокенрол музиката делуваше хипнотички. Никогаш уметноста не допрела зони, кои исклучиво ѝ припаѓаа на политиката. Рок културата доби месијански димензии, а хипи движењето, масовност на религија. Но, сите споредби со овие конвенционални духовни заедници беа несоодветни. Овој феномен на здружување немаше ништо заедничко со сличните религиозни, идеолошки и политички манифестации од минатото. Изненадувањето често пати се претвораше во шок.
Но, овие млади луѓе имаа свои филозофи, книжевници, поети, уметници и музичари, кои го вообличуваа нивниот светоглед и создаваа екстатични чувства кај нив. Впрочем, слободата, сфатена како начин на живеење, беше оној крајно недефиниран идеал, што ги покренуваше, но во целата неодреденост се јавуваа непоимливо јаки, скоро екстатични состојби на свест. Овие трансни искуства не беа конципирани како обесвестување или заборав. Напротив.
Тоа беа патувања низ етеричното и фантастичното искуство, кои ретко се доживуваат и кои се движат по работ на паранормалните состојби. Тоа беа драматични состојби на откривање нови светови, нови културни традиции и сензибилитети. Всушност, овие тенденции, мултидисциплинарни по својата креативност, чија литургиска форма беше рокенролот, кој стихиски го ширеа по целиот „слободен свет“ е, всушност, првиот бран на културниот глобализам зад кој стоеше скриениот политички хегемонизам.
Ги гледаше ли некој во тоа време акциите на мултинационалните компании, кои енергично го воспоставуваа неоколонијалистичкиот поредок во земјите од Третиот свет? Кога културно ќе поробат еден народ или цела групација народи, тогаш многу полесно се одвива економската и политичката окупација на нивните територии. Алтернативните групации на Запад, опиени од револуцијата на свеста, добро го гледаа тоа, но беа немоќни.
Таа немоќ произлегуваше од суштинската изолација на оваа огромна групација на млади луѓе од вистинските полуги на моќта, која беше ексклузивно во посед на општествената елита.
Пишува: Ацо Станковски
Comments are closed for this post.