Преку 100 животински видови исчезнуваат секој ден од лицето на планетата Земја како резултат на човековата трка по профит. Овие шокантни бројки се дел од извештаите на Комитетот на ОН за заштита на животните и природата, од каде што наведуваат дека на Земјата има повеќе од 40.000 загрозени видови животни.

Меѓу најзагрозените од нив, кога станува збор за нивниот опстанок, се големите панди, тигрите, морските желки, големите примати, слоновите и носорозите.

Заштитиниците на животни предупредуваат дека и во најразвиените држави во светот со уредено законодавство постојат „срамни исклучоци на загрозување животни“, при што како пример се наведуваат шпанската корида и англиската традиција за лов со кучиња, што е забранета.

Негативни примери се и кинеските фарми за мечки што се одгледуваат за потреби на медицината, нехуманиот лов заради извоз на морски желки во Индонезија и Јапонија и низа други загрозувања за опстанокот на животните. Посебно се укажува за загрозеност на тигрите, кои се веќе во голема мера истребени.

Светскиот ден на животните е прогласен во 1931 година на конвенција на екологистите во Фиренца, со цел да се потенцира неповолната положба на загрозените видови. Одлучено овој ден традиционално да се слави на 4 октомври, кога Католичката црква го слави Св. Франциско  Асишки – заштитник на животни.

Целта на Светскиот ден на животните е да се подобри односот кон животинските видови ширум светот, обезбедувајќи поддршка од поединци, групи и организации што се грижат за животните. На овој ден, здруженијата што се грижат за нивниот опстанок предупредуваат за загрозеност на голем број животински видови и нивната лоша состојба во различни делови на светот.