Вечерва и официјално започнува јубилејното, петто издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм.
Се надевам дека во претходните седум дена уживавте во ретроспективата на некои од наградените остварувања на „КинеНова“ во претходните четири години.
Вечерва и официјално започнува јубилејното, петто издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм, со богата програма која вклучува триесетина филмови во дури 11 селекции. Трета година по ред ми припаѓа честа, меѓу другото, да ги селектирам и филмовите во главната програма кои ќе се борат за фестивалските награди, за кои ќе одлучува угледното интернационално жири на чело со легендарниот полски режисер Кшиштоф Зануси.
Беше прилично тешко да се изберат осум квалитетни компетитивни филмови во година во која повеќето од фестивалите беа одложени, филмските продукции беа на пауза, а снимените филмови чекаа подобри времиња за своја премиера. Сепак, сметам дека и оваа година „КинеНова“ ќе понуди одлични филмови кои ќе го задоволат вкусот на вистинските филмофили.
Стартуваме вечерва со експлозивната, саспенз драма „Супернова“ на Бартош Крулик во 21.30, а пред тоа, погледнете го интервјуто со слатката Бранка Катиќ, добитничката на годинашната награда за особен придонес во филмската уметност, секако, на ТВ24, вели Игор Анѓелков, програмски директор на „Киненова“.