Фестивалот „Таксират“, смисли начин како физичките бариери и протоколите за држење дистанца да ги премости со помош на телевизијата и интернетот креирајќи ја ПИН ТВ.

Повеќе од 40-ина партнери, фестивали, артисти, промотери и издавачки куќи ќе ја емитуваат премиерата на ПИН ТВ низ Европа. Ексклузивно за ПИН ТВ, 20 домашни и странски артисти изработија свои концерти, од кои секој час ќе се емитува дел, а комплетните концерти ќе бидат емитувани во текот на цел месец декември. Програмата истовремено ќе се емитува онлајн, на официјалниот Јутјуб-канал на „Таксират фестивал“, како и на Фејсбук-страниците на ПИН-Конференција и „Таксират фестивал“.

Во говорниот сегмент на ПИН ТВ ќе се дискутира на најважните теми во музичката индустрија, претставници на големи и познати агенции и фестивали ќе зборуваат за новата рамка што ги дефинира хонорарите за уметниците и идните фестивалски програми, а ќе има и приказни од непознатиот свет на иновации и музичка технологија. Музичките промотори ќе ги споделат своите приказни од аспект на локалната позиција како индустрија и односот на надлежните органи кон истата, претставници на Европската комисија ќе откријат како Европа делува врз креативните индустрии и како локалните сцени ја зајакнаа својата национална почва со помош на музичките експорт-бироа. Простор ќе има и за познати музичари, супервизори, туроператори, но и искуства за правење ПР-стратегии.

ПИН ТВ за нас и за учесниците е уште еден голем предизвик, кој го прифативме и го реализиравме со многу ентузијазам и огромна желба сите наши искуства и знаења да ги приближиме до публиката, велат од „Таксират фестивал“.