Да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување, истакна вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ на сцената на Античкиот театар во Охрид.

Ова, нагласи, особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро.

Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор, рече Пендаровски.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен претседателот Пендаровски подвлече дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина.

 Годинашното „Охридско лето“ ќе го отвори светски познат уметник, кој храбро презеде ризик и откри нов музички стил што излегува од конвенционалните рамки. Виолинистката Ванеса Меј создава радосна музика што е длабоко вкоренета во традицијата, а сепак релевантна за сегашноста и насочена кон иднината. Во неа го препознаваме ритамот што ги поврзува природата и човештвото. Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации, истакна Пендаровски.

Уметничката порака на годинашното фестивалско издание ја прочита режисерот Александар Поповски, кој му ја посвети на македонскиот драмски писател Горан Стефановски. Почнувајќи со извадок од „Црно семе“, Поповски посочи дека уметникот треба да се слави за да остане запишано се она што е околу нас.

 Уметноста има правила кои не се дел од ексел табелите. Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафеана. Треба да и го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува. И тогаш ќе можеме да се видиме и препознаеме. И тогаш ќе останеме запишани во времето, нагласи Поповски.

Спектакуларен гала концерт на отворањето на годинашното 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ имаше светски познатата виолинистка, Ванеса Меј.