Сметачот на Блумберг покажува колку време ќе им треба на земјите да вакцинираат 75% од својата популација. Опфатени се 68 земји, а Македонија, се разбира, ја нема, бидејќи во нашата земја сѐ уште не е ни почнато вакцинирањето.
Кога ќе заврши пандемијата? Ова прашање им виси над глава на сите откако ковид-19 го освои светот минатата година. До одговорот може да се дојде преку вакцинациите.
Блумберг ја изградил најголемата база на податоци за вакцините против ковид-19 што се дадени низ целиот свет, со администрирани повеќе од 119 милиони дози. Американските научници како Ентони Фаучи сугерираат дека ќе бидат потребни 70% до 85% покриеност на населението за работите да се вратат во нормала. Блумберговиот следач на вакцини покажува дека некои земји далеку побрзо напредуваат од други, а целта им е 75% покриеност со вакцина во две дози.
Израел, земјата со најголема стапка на вакцинација во светот, се движи кон 75% покриеност за само два месеци. САД таму ќе стигнат точно за Новата 2022 година година (иако Северна Дакота може да стигне таму шест месеци порано од Тексас). Бидејќи вакцинирањето се случува побрзо во побогатите западни земји отколку во остатокот од светот, со сегашното темпо на целиот свет ќе му бидат потребни седум години.
Сепак, до бројката од 7 години е дојдено со пресметување на моменталната стапка на вакцинирање. Со зголемувањето на бројот на вакцинации, времето потребно за да се достигне прагот од 75% ќе се намали, вели Блумберг.
Пресметките ќе бидат менливи, особено во раните денови на вакцинирањето, а бројките може да се менуваат и од привремени нарушувања.
На пример, целниот датум на Њујорк неделава беше накратко поместен на 17 месеци откако зимската снежна бура спречи некои луѓе да се вакцинираат (сега е вратен на 13 месеци). Исто така, стапката на вакцинација во Канада во последните неколку недели се намалила за половина по информациите за одложена испорака на вакцини. Врз основа на најновата стапка во Канада, ќе бидат потребни повеќе од 10 години за да се достигне 75% покриеност. Тоа може да послужи како повик за будење на канадските политичари и здравствени службеници, но тоа не значи дека земјата е осудена на децении социјално дистанцирање. Канада има договори за купување повеќе дози на вакцини по лице од која било друга земја и се очекува нејзините стапки на вакцинација да се искачат.
Темпото, најверојатно, уште повеќе ќе се забрза кога ќе станат достапни повеќе вакцини. Некои од најголемите светски центри за производство на вакцини во Индија и Мексико тукушто почнаа со работа. Повеќе од 8,5 милијарди дози вакцини се договорени од земјите преку повеќе од 100 договори, кои ги следел Блумберг. Само една третина од земјите ги имаат почнато своите кампањи за вакцинација.
https://www.bloomberg.com/news/articles/2021-02-04/when-will-covid-pande…
Колективна одбрана
Вакцинациите штитат од ковид-19 почнувајќи од неколку недели по добивањето на инјекцијата. Но ако само малку луѓе во заедницата се вакцинираат, вирусот може да продолжи неконтролирано да се шири. Како повеќе луѓе примат вакцина, толку поголеми групи луѓе почнуваат да градат колективна одбрана од вирусот, така што се појавуваат само изолирани искри на инфекција наместо да се прошират во епидемија. Концептот е познат како имунитет на стадо.
Во научната заедница постојат спротивставени дефиниции за тоа кога се постигнува имунитетот на стадо. Дали кога доволно луѓе се заштитени, тоа почнува да има мерлив ефект врз брзината на пренесување? Тоа би можело да почне многу пред 75% од луѓето да бидат целосно вакцинирани. Други го дефинираат како точка кога епидемиите повеќе не можат да се одржат. На пример, дури и ако има кластери на случаи со сипаници во невакцинирана заедница, имунитетот на стадо спречува тие да се распрснат низ целата земја.
Како Блумберг ги изведува бројките
За вакцините што се достапни денес се потребни по две дози за целосна вакцинација. Пресметките на Блумберг за покриеност се засноваат на две дози по лице во популацијата, но не прават разлика помеѓу првите дози или вторите примени дози. Овие дефекти може да ги нарушат дневните стапки на вакцинација и не се достапни во повеќе од 20% од земјите што ги следи сајтот.
Новата вакцина на „Џонсон и Џонсон“ неодамна покажа позитивни резултати со употреба на единечна доза во големо клиничко испитување. Доколку биде одобрена, бројот ќе се приспособи на потребните дози пропорционално на нејзиниот удел на пазарот во секоја земја.
Вакцините не се дозволени за употреба кај деца – тие студии се во тек. Блумберговиот сметач, како и вирусот, вклучува деца од популацијата што треба да бидат заштитени.
Еден аспект што сметачот на Блумберг не го зема предвид е секое ниво на природен имунитет што може да резултира од оздравување од ковид-19. Можно е на тешко погодените места да им треба пониско ниво на вакцинација за да се спречи широко распространето пренесување. Иако постојат докази дека луѓето што оздравуваат од болеста задржуваат одреден степен природна одбрана, не е јасно колкава е таа заштита или колку долго може да трае. Вакцината се препорачува и за луѓето што оздравеле од болеста.
Проекциите на Блумберговиот сметач се ажурираат секој ден и се базираат на просечните дневни вакцинации во податоците собрани од 68 земји и држави. Македонија, се разбира, ја нема на мапата на Блумберг, бидејќи во нашата земја сѐ уште не е ни почнато вакцинирањето.
извор: МКД.мк
Comments are closed for this post.