Пиво со бозел, со ѓумбир, со мед и со гоџибери ќе бидат само дел од палетата вкусови во кои ќе може да уживаат посетителите на денешниот втор „Крафтинг пивски салон“ што ќе се одржува од 12 до 20 часот на платото пред Куршумли ан во Скопје.
„Секој има право на добро пиво“ е мотото на годинашната пивска забава на отворено.
Како што вели за МИА Марјан Костадиновски, еден од организаторите на настанот и еден од првите промотори на занаетчиските пива во земјава, се очекува учество на десетина производители на домашно пиво, четири локални пивари, шест увозници и три фирми за суровини и опрема.
Застапени ќе бидат најопуларните и најомилените пивски стилови како PALE ALE, IPA, PORTER, STOUT. Ќе има пиво со бозел кое е наречено „Бозејл“, пиво со ѓумбир, пиво со мед и пиво со гоџибери што мислам дека ќе привлече најмногу внимание. Сите учесници посебен ентузијазам посветија и на дизајнот на своите етикети. Се работи за вистински визуелни креативни решенија кои се мотивирани од нашето поднебје, најавува Костадиновски.
На „Крафтинг пивскиот салон“ од увозните брендови ќе има две чешки пива, „Приматор стаут“ – црно и безглутенското „Целиа“ – светло и темно.
Со манифестацијата се одбележуваат и пет години од постоењето на веб порталот „сакампиво.мк“ чиј автор е Костадиновски. „Сакампиво.мк“ од 2015 година ентузијастички ја промовира пивската култура кај нас.
Првиот пивски салон на домашните производители на занаетчиско пиво „Крафтинг Македонија“ се одржа на 3 декември 2018 година. „Да правиме пиво наместо војни, и да градиме мостови наместо ѕидови“, беше пораката што ја упатија организаторите.
Comments are closed for this post.