Романот „Ана“ од италијанскиот автор Николо Аманити е добитник на наградата Book Star што ја доделува Фестивалот на европската книжевност Book Star. Наградата се доделува за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот.

В понеделник (26 октомври) со почеток во 19 часот во Кинотека на Македонија ќе биде промовиран неговиот роман „Ана“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Калина Јанева. Романот беше најпродаваниот наслов на првиот е-саем на книги во организација на „Антолог“, кој се одвиваше во април и мај оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Разговорот со авторот ќе го води книжевничката и универзитетска професорка Анастасија Ѓурчинова.

Главниот лик во романот, девојчето Ана, нејзиниот брат и други деца шетаат низ Сицилија, јадат слатки и конзервирана храна, борејќи се да преживеат. Храната и водата стануваат луксуз. Пожари беснеат низ целата земја. Пред четири години опасен вирус од Брисел ја заразил целата планета и го убил целото возрасно население. Останале само деца.

Организирани како детски орди, изгубените и оставени мали жители изгледаат како да ја започнуваат цивилизацијата од нула.

Поминувајќи низ низа авантури и опасности, спознавајќи ги љубовта и пријателството, Ана расте и созрева. Пред да умре, мајка им ги предупредува дека, кога ќе достигнат одредена зрелост, вирусот ќе ги убие и нив. Но им кажува и дека некој, некаде, ќе има лек.

Во овој извонреден дистописки роман, Аманити фрла остра критика на корпоративниот глобализам што владее со светот и го потсетува човештвото дека наскоро ќе исчезне ако се остави на ова и не се спротивстави.

Иако оригинално објавен пред пет години, романот е неверојатно актуелен во моментов, пред сè поради тематиката што ја обработува, но и поради серијата снимена според него што наскоро ќе почне да се прикажува.

Николо Аманити (роден 1966) е италијански писател. Студирал биологија. Автор е на неколку романи и збирки раскази. Добитник е на највисоките книжевни награди во Италија – „Вијареџо“ и „Стрега“. Голем дел од неговите книги се филмувани од режисери како Габриеле Салваторес и Бернардо Бертолучи. Во 2014 година и Аманити се испробува како филмски режисер.