Со 600.000 денари средства обезбедени од Министерството за култура и Општина Куманово реновирана е спомен-куќата на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош во Куманово.

Денеска на денот на неговото загинување пред 77 година куќата е отворена за посетителите.

 „Куќата-музеј за прв пат е отворена 1979 година. Во текот 2019 и 2020 година таа е реновирана, а музејската поставка е обновена со значајни историски експонати. На приземјето е изложен мебел од триесетите години на минатиот век, дел од предметите припаѓаат на семејството на народниот херој, а дел се од Музеј Куманово. На првиот кат се поставени форекси, фотографии, документи, оружје и други предмети кои го прикажуваат животниот пат и борбата на Христијан Тодоровски Карпош“, – изјави Марија Живачки, автор на поставката.

Реновирањето на куќата започна како дел од програмата Куманово град на културата и 500 години од неговото формирање.

„Голема благодарност на сите што помогнаа да се обнови куќата-музеј, а особена благодарност до вработените коишто со минимални средства и многу напор направија овој простор да го добие своето место. Музејот ќе биде отворен секој работен ден и сите заинтересирани можат да го посетат“, – изјави директорот на Музеј Куманово, Богдан Таневски.

По повод годишнината од погибијата на народниот херој, денеска свежо цвеќе пред бистата на Карпош положија претставници на Сојузот на борците од Куманово и Врање, од локалната самоуправа на Куманово, политички партии, училишта, здруженија и граѓани.

Христијан Тодоровски Карпош е роден во Куманово 3. септември 1921 година, а загинал на 7. февруари 1944 година во прешевското село Биљача, во борба со бугарската фашистичка војска и полиција, како командант на кумановскиот партизански батаљон „Јордан Николов – Орце“.  Прогласен е за народен херој на Југославија во 1945 година.